• Wednesday, 05 February 2025

Во Велес Семакедонски собир по повод 153 години од раѓањето на Гоце Делчев

Во Велес Семакедонски собир по повод 153 години од раѓањето на Гоце Делчев

Велес, 4 февруари 2025 (МИА) - Во големата сала на Општина Велес попладнево се одржа Семакедонски собир по повод 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев, во организација на Граѓанската иницијатива за национална, културна и европска интеграција на македонскиот народ од Прилеп во соработка со основната организација од Велес, заедно со тематска конференција „Влијанието на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија врз националните права на Македонците на Балканот и пошироко“ и чествување „153 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

На настанот учествуваа и претставници на партијата „Виножито“ од Грција, од ОМО Илинден-Пирин од градот Сандански од Бугарија, партијата на Македонците во Албанија Македонската алијанса, претставници од здружението „Илинден“ од Риека, од Заедницата на Македонците во Хрватска и од Заедницата на Македонците во Србија.

На овој 25. собир, кој за првпат се одржува надвор од Прилеп, присутните изгласаа Декларација која ќе биде доставена до Владата, амбасадите на спомнатите држави во декларацијата и до Организацијата на обединетите нации ООН.

Во декларацијата меѓу другото се наведува дека македонскиот идентитет и ентитет се неприкосновено аргументирани и содржајни сознанија - културни, историски демографски, онтолошки, лингвистички, антрополошки и тие не треба да бидат тема на никакво оспорување или негирање. Воедно со неа бараат државата Македонија да застане на браникот на своите малцинства во соседните држави, а од владите на државите каде што живеат етнички Македонци да ги почитуваат општите меѓународни акти за правото на слободно изјаснување и самоопределување, правото на слободна мисла и слободно изразување, личните права и слободи на личноста на граѓаните, како и договорените меѓудржавни акти и спогодби за правата на македонскиот народ во тие држави.

Поранешниот заменик-министер за надворешни работи Зоран Петров со мандат од 2006 до 2014 година, посочи дека една од точките на Декларацијата е барањето за реафирмирање на Координативното тело за иселеништво, кое постоело до 2014 година и кое било најактивно во периодот од 2007 до 2011 година. Оваа  Координативно тело било составено од претставници на министерствата за култура, за образование и наука и за внатрешни работи и имало буџет од Владата. Работело на финансирање на програми на Македонците во соседните држави.

-Се распишуваше конкурс и тие се пријавуваа на конкурсот со свои програми за културно-уметнички манифестации, формирање на свои весници и радија, спортски игри и други активности. Токму тоа Координативно тело ги финансираше и ги координираше нивните активности и затоа бараме негово реафирмирање, потенцира Петров.

Тренчо Димитриоски од Прилеп прочита текст насловен „Гоце Делчев божество и апостол на македонскиот народ“ направен според изворни писма од војводата револуционер Петре Ацев од прилепското село Ораовец. Ацев со овие зборови го опишувал великанот на македонската револуционерна борба и идеолог Гоце Делчев со кого имал само една  единствената средба, која за него била судбинска.

-Петре Ацев бил на ист став со Гоце Делчев за организирање и водење на борбата на македонскиот народ за ослободување од турското ропство. Преку овие писма Ацев изнесува живи искажувања за големиот револуционер во врска со борбата за кревање на востание и начинот на кој тоа треба да се изведе. Според неговите записи, Гоце Делчев секаде каде што ќе се појавел се отсликува како божество кое тргнало така строго да го исполнува својот долг кон народот, потсети Димитриоски.

Семакедонскиот собир  започна со поклонување и положување букети цвеќе на гробот на великанот Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.ад/вј/

Фото: МИА