Британскиот премиер најави укинување на агенцијата што го надгледува здравствениот систем
- Оваа одлука има за цел да заштеди стотици милиони фунти, да ја забрза испораката на медицинските услуги и да ја намали бирократијата.
- Post By Сања Костовска
- 17:16, 13 March, 2025

Лондон, 13 март 2025 (МИА) - Премиерот на Велика Британија Кир Стармер изјави дека ќе ја укине здравствената агенција што го следи функционирањето на државниот здравствен систем во Англија. Оваа одлука има за цел да заштеди стотици милиони фунти, да ја забрза испораката на медицинските услуги и да ја намали бирократијата.
Стармер, кој беше избран во јули со ветување дека ќе ја врати британската економија на патот на раст и ќе ги реформира јавните услуги, оцени дека британскиот здравствен систем е во критична состојба. Според независен извештај од септември минатата година, Националната здравствена служба е преоптоварена поради последиците од пандемијата на Ковид-19, стареењето на населението и честите штрајкови.
Во Велика Британија, околу 2,8 милиони луѓе не можат да работат поради здравствени проблеми, што има влијание и врз економијата, според податоци на Националната статистичка служба.
- Не можам да им објаснам на граѓаните зошто нивните пари одат за двојна бирократија, изјави Стармер во говор во градот Хул. Според него, укинувањето на агенцијата ќе значи повеќе пари за медицински персонал и пократко чекање за здравствени услуги.
Националната здравствена служба на Англија беше основана во 2012 година за да ги следи здравствените агенции и да управува со договорите во здравството. Британскиот министер за здравство, Вес Стритинг, изјави дека тоа довело до дуплирање на регулативите и преголем фокус на административните процедури, наместо на ефикасноста и оптимизацијата на трошоците.ссм/
фото: архива