• Friday, 27 December 2024

Британка веќе 76 години добива божиќна честитка од својата германска пријателка која никогаш не ја сретнала

Британка веќе 76 години добива божиќна честитка од својата германска пријателка која никогаш не ја сретнала

Лондон, 24 декември 2024 (МИА) - Британка, која е веќе прабаба, со живеалиште во Лондон, сè уште, секоја година, ѝ испраќа и добива божиќни честитки од својата пријателка - Германка, напишани со пенкало. Овој своевиден обичај на допишување почнал кога овие две жени тогаш имале околу 12 години.

Имено, Силвија Перкинс од југоисточен Лондон, почнала да ѝ пишува на Лиза Кул од Германија во 1948 година, додека одела во женското училиште „Моноу Роуд“, во годините по Втората светска војна. Перкинс призна дека таа е единствената од своето одделение која продолжила да ѝ пишува писма на својата другарка преку морето. Повеќето другите ученици во нејзиното одделение го завршиле своето допишување по завршувањето на проектот,  но Перкинс продолжи да ѝ пишува на Кул, која сега има 89 години.

И покрај тоа што никогаш не разговарале по телефон, ниту пак, лично се сретнале, тие продолжуваат да ги споделуваат новостите за своите животи - цели 76 години.

- Имавме задача на часовите по Англиски јазик каде што ни беше дадена адреса, и секако - напишавме писма, а претпоставувам, училиштето и ги објави. Потоа ни преостана да одиме по својот пат, но мајка ми ме охрабри да продолжам да пишувам. Се сеќавам на еден Велигден - мајка ми, која беше „многу паметна мустра“, купи прекрасна марама за Лиза што ѝ ја испративме за Велигден, раскажува Перкинс.

Таквите гестови, се чини, го зацврстиле другарството меѓу двете девојчиња.

- Таа сигурно беше иста како мене. Таа мора да има ист темперамент како мојот и јас го ценам тоа, додаде Перкинс.

Таа вели и дека иако училишната вежба била резултат на војната, со Кул никогаш не зборувале за тоа.

- Тие денови немавме социјални мрежи. Само пенкало и хартија, нели?, рече Перкинс.

Нејзината најнова божиќна честитка од Кул гласи: „Драга Силвија, измина уште една година, а ние сме една година постари - 88 и 89 години. Ти си прабаба, па и јас сум 'прабаба' на Јоши - новото куче на мојот внук Јонас и неговата сопруга. 2024 беше добра година, со добро здравје. Јас сум во мојата куќа. За тебе и твоето семејство, ви посакувам многу среќен Божиќ и здрава 2025 година. Твоја, Лиза“.

Перкинс, вели, со нетрпение ја очекува секоја честитка на Кул за Божиќ, за да знае дека е сè уште жива и здрава.

- Тоа е само една божиќна годишна честитка, но јас ќе ја добијам таа божиќна честитка и си велам: Одлично, таа сè уште се држи!, рече таа.

За нејзиниот 50-ти роденден, ќерката на Перкинс - Џоун се обидела да организира Кул да дојде во Лондон, но не можела поради лошото здравје на нејзиниот сопруг. си/ссм/

Фото: Фрипик