• Thursday, 26 December 2024

Авионска несреќа во Казахстан: Меѓу 28 преживеани и три деца

Авионска несреќа во Казахстан: Меѓу 28 преживеани и три деца

Астана, 25 декември 2024 (МИА) - Казахстанските власти соопштија дека 28 лица го преживеале падот на патничкиот авион во близина на Актау, меѓу кои и три деца. Се верува дека 39 лица загинаа во несреќата.

Казахстанското Министерство за транспорт соопшти дека во авионот имало државјани на пет земји - 37 Азербејџанци, шест државјани на Казахстан, тројца државјани на Киргистан и 16 Руси.

Според Министерството за вонредни ситуации на Казахстан, од местото на несреќата досега се извлечени четири тела.

Руската агенција за надзор на воздушниот сообраќај информира дека првичните податоци покажуваат дека пилотот се одлучил за принудно слетување откако авионот удрил во птица.

Авионската несреќа се случи утрово, кога авион на Азербејџан ерлајнс летал од Баку кон Грозни, но бил пренасочен поради магла во Чеченија. Наместо тоа, бил принуден на итно слетување на три километри од Актау, западен Казахстан. 

Руски медиуми тврдат дека авионот не можел да слета во рускиот град Грозни поради напад на украински дрон. Пилотот го пренасочил летот кон градот Махачкала, административен центар на соседната Дагестанска област, но, според руските медиуми, маглата го спречила да слета таму, пренесува Анадолија.

На крајот побарал дозвола да слета во Актау, казахстански град на Каспиското Море. Несреќата се случила на неколку километри од аеродромот во Актау.

Казахстанскиот претседател Касим-Јомарт Токаев нареди истрага за несреќата, а азербејџанскиот претседател Илхам Алиев ја прекина посетата на Санкт Петербург, Русија, за да се врати во Баку по инцидентот. ссм/

Фото: принтскрин