Во Европска куќа одбележување 80 години од приказните за Мумините
- По повод прославата на 80 години од приказните за Мумините на познатата финска писателка и илустраторка Тове Јансон, Амбасадата на Финска, во соработка со Европската куќа (Europe House) во Скопје, организира проекција на филмот „Тове“, во режија на Заида Бергрот со почеток во 19 часот.
Скопје, 16 декември 2025 (МИА) - По повод прославата на 80 години од приказните за Мумините на познатата финска писателка и илустраторка Тове Јансон, Амбасадата на Финска, во соработка со Европската куќа (Europe House) во Скопје, организира проекција на филмот „Тове“, во режија на Заида Бергрот со почеток во 19 часот.
Како што стои во соопштението од Делегацијата на ЕК, пред проекцијата, амбасадорот на Финска, Никлас Линдквист, ќе ѝ се обрати на публиката и ќе даде изјава за претставници на медиумите.
Биографскиот филм „Тове“ нуди моќен и интимен портрет на Тове Јансон, најпреведуваната и најчитана финска авторка и визуелна уметница на меѓународната сцена. Преку биографската нарација филмот ја истражува нејзината потрага по идентитет и љубов, но и стремежот кон лична и уметничка слобода.
Приказната ни раскажува за животот на Тове Јансон од крајот на Втората светска војна до средината на 50-тите години, фокусирајќи се на нејзините уметнички и лични борби, меѓу кои и љубовните врски, како и создавањето и популаризацијата на Мумините, кои ѝ донесоа меѓународна слава. Филмот прикажува како Тове се обидувала да постигне рамнотежа меѓу очекувањата на нејзиното семејство, сопствените уметнички амбиции, но и желбата за лична слобода, истовремено создавајќи свет кој ќе стане еден од најомилените во детската книжевност.
Прославата на 80 години од Мумините е дел од глобална кампања под слоганот „Вратите се секогаш отворени“. Денес, кога милиони луѓе ширум целиот свет немаат соодветна заштита и безбедност, ликот на Мумините соработува со својот долгогодишен сојузник - Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина (МФЦК) - за да се соберат средства за оние погодени од конфликти и катастрофи. Како што е наведено во најавата за кампањата: „Сите се надеваме дека кога ќе тропнеме на нечија врата затоа што сме се нашле во мака, ќе има кој да ни отвори и кој да нè пречека и прими“.
Филмот освоил седум награди „Јуси“, меѓу кои и наградите за најдобар филм и најдобра актерка. нд/мд/
Фото: МИА архива