• Wednesday, 17 December 2025

Македонскиот олимписки комитет ги додели наградите „Златна Олимпија“ за 2025 година

Македонскиот олимписки комитет ги додели наградите „Златна Олимпија“ за 2025 година

Скопје, 16 декември 2025 (МИА) - На свечена церемонија во Скопје, Македонскиот олимписки комитет ги додели наградите „Златна Олимпија“ за 2025 година на најуспешните спортистки, тренерки и спортски работнички, како и на оние кои придонесуваат за развој на спортот во женска категорија и промоција на родова еднаквост.

Во категоријата „Најдобар женски национален тим“, наградата ја доби Фудбалската репрезентација до 17 години, која постигна историски успех со освојување на првото место во групата на квалификацискиот турнир (Б лига) и обезбеди промоција во А лигата за Европското првенство.

Воедно, во тренерската категорија, признанието за „Најуспешна тренерка“ го понесе Катерина Милеска, селекторка на оваа репрезентација, за нејзината посветеност и стратегија која го овозможи овој значаен резултат.

За „Најуспешна спортска работничка“ е прогласена Гордана Николовска Кузмановска, за нејзината организација на Европскиот младински олимписки фестивал и Скопски маратон, додека титулата „Најнадежна млада спортистка“ ја понесе Мери Бошковска за историскиот пласман со клубот „Јанта Волеј Кисела Вода“ во третата рунда од квалификациите за ЦЕВ Лигата на шампионите, каде што таа беше прогласена за најдобра одбојкарка на двата натпревари против босанскиот тим „Гацко“.

За „Најуспешна судијка“ е избрана Ема Никочевиќ, прва ФИБА судијка од Македонија, која во 2025 ја одбележа личната и професионалната победа – враќањето на теренот по тешка здравствена битка, а признанието за „Спортски подвиг“ го понесе Катерина Шиповиќ која освои прво место на трката во Серес со истрчани 202 километри за 24 часа.

За „Најуспешна спортистка“ во 2025 година е прогласена Милијана Релиќ, која освои сребрен медал на Г‑1 турнирот во Криштианштад, Шведска, со што заработи дополнителни 7.20 олимписки поени кон квалификациите за Лос Анџелес 2028. Исто така, на престижниот меѓународен турнир во Инсбрук, Австрија, таа освои нов медал и продолжи да се искачува на олимписката ранг-листа.

Наградата за „Животно дело“ годинава ја доби легендата Стојна Вангеловска, поранешна врвна кошаркарка и првата Македонка која освоила олимписки медал, додека во медиумската сфера, признанието за „Најуспешна спортска медиумска работничка“ го доби фоторепортерката Маја Јаневска-Илиева.

За „Најуспешна спортистка со попреченост“ е наградена Фатмире Бајрамоска која освои сребро во крос-кантри скијање на Зимските Специјални Олимписки игри во Торино, Италија.

Ракометната федерација на Северна Македонија ја доби наградата за унапредување на родова еднаквост, а посебни признанија за женско лидерство и унапредување на родова еднаквост добија Цветанка Макаровски и Ирена Митровска.

Ова е 5. Јубилејно доделување на наградата „Златна Олимпија“ во организација на Македонски олимписки комитет. ар/дма/

Фото:МИА