• Wednesday, 17 December 2025

Одржан 11-от натпревар по ораторство од кривопаланечкото средно училиште

Одржан 11-от натпревар по ораторство од кривопаланечкото средно училиште

Крива Паланка, 16 декември 202 (МИА) - Десетмина млади оратори од средното општинско училиште "Ѓорче Петров", Крива Паланка, настапија на единаесеттата "Ораторска вечер" што ја организира оваа воспитно образовна институција, негувајќи го богатството на пишаниот збор и говорништвото.

Според организаторите, оваа ораторска вечер беше исполнета со моќни зборови, чувства, емоции и тишина што говори, зашто ова е вечер, велат, кога зборот оживува,а тишината слуша.

Настанот се одржа во училишниот хол, што беше исполнет до последно место, а бројната публика уживаше во магијата на гласовите што допираа до нивните срца.
Новинари, професори, писатели, беа дел од комисијата што ги оценуваше: талентот, храброста и умешноста на говорништвото на учениците од различни образовни години,кои гласно говореа за: корупцијата - рана на општеството, желбата на младите честа да преовладува, поривот на младоста за позитивни промени, болката од загубата на блискиот, општимизмот на животот, тивката болка на солзата - сведок на трнливиот пат во животот и симбол на надежта...

Во силна конкуренција третото место и припадна на Ана Велковска, второ место - Ева Величковска и победник, првопласирана на годинашното издание е Михаела Ивановска, ученичка во втора година.

Трите најдибри оратори добија подароци и скромни награди од градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, како поттик да продолжат да го надградуваат нивниот талент и говорнички капацитет.

Младите упатија пораки дека се гласноговорници во светот во кој човекот, како што велат, е роб на моќта на парите, поради што ја губи душата. Свет во кој карактерот е порок, а младите се претвораат во генерација што не дише.

Според дел од говорниците, тие се на крстопат во животот во кој еднаш засекогаш треба да престане да се мери богатството со материјални добра, се да се крои по чест и достоинство.ид/лв/


Фото МИА