Шапел Роун доби забрана за настап во Рио де Жанеиро
- Во меѓувреме, Роун, исто така, се огласи преку Инстаграм, со видео снимено во хотелската соба.
- Post By Слободан Иванов
- 13:11, 23 March, 2026
Рио де Жанеиро, 23 март 2026 (МИА) - Градоначалникот на Рио де Жанеиро, Едуардо Кавалеро објави дека американската поп-пејачка Шапел Роун нема да настапи на еден од најголемите музички настани во бразилката метропола, откако фудбалерот Жоржињо го обвини нејзиниот тим за несоодветно однесување кон неговата ќерка.
Роун, како што Кавалеро напиша на својот интернет-простор, „никогаш нема да настапи“ на фестивалот „Тодо Мундо но Рио“ (во превод: „Сите во Рио“), додека тој е градоначалник, поканувајќи ја ќерката на фудбалерот да биде почесна гостинка на овогодишното издание. Фестивалот се одржува секоја година во мај на плажата Копакабана и ги собира светските музички ѕвезди. Првото издание во 2024 година го предводеше Мадона, по што следуваше Лејди Гага во 2025 година, додека Шакира е најавена за оваа година.
„Се сомневам дека Шакира би го направила тоа. Освен тоа, вашето мало девојче веќе е покането како почесен гостин во мај“, напиша градоначалникот.
Реакција на градоначалникот уследи откако Жоржињо се огласи во јавноста, опишувајќи го „многу вознемирувачкиот случај во хотел“ за време на престојот на неговата сопруга со ќерката на фестивалот „Лолапалуза Бразил“. Според фудбалерот, 11-годишното девојче, возбудено поради тоа што со Роун престојувале во истиот хотел, направила и транспарент за нејзиниот настап. Несаканата случка настанала за време на појадокот утрото.
„Ќерка ми ја препознала пејачката, се возбудила и само сакала да провери дали тоа е навистина таа. Не ѝ се приближила, не побара ништо... Настанот потоа ескалирал, кога обезбедувач им се приближи до масата и екстремно агресивно им се обрати на мојата сопруга и детето, обвинувајќи го девојчето за 'малтретирање',“ појасни тој.
Во меѓувреме, Роун, исто така, се огласи преку Инстаграм, со видео снимено во хотелската соба.
- Само ќе ја раскажам мојата страна од приказната за тоа што се случи денеска со мајката и детето, во што беше вклучен обезбедувач кој не е дел од мојот личен тим... Воопшто не го видов инцидентот. Не ја видов жената, ниту детето. Навистина. Никој не ми се приближи. Никој не ме вознемири. Само седев на појадок во хотелот. Мислам дека и тие беа гости на тој хотел. Не побарав од обезбедувањето да оди кај таа мајка и детето. Тие не ми се приближија, ниту направија нешто. Не е во ред обезбедувањето да претпоставува дека некој има лоши намери без причина, особено кога немало конкретна акција, изјави Роун.
Таа на крајот им се извини на жената и девојчето.
- Не ги мразам луѓето на кои им се допаѓа мојата музика. Не ги мразам децата - тоа е апсурдно. Жал ми е за мајката и детето, и за тоа што некој претпоставил дека ќе направеле нешто лошо. Ако се чувствуваат непријатно, тоа навистина ме растажува. Не го заслужува тоа!, нагласи поп-ѕвездата. си/ми/
Фото: Википедија