Приведени две лица кај кои се пронајдени вкупно 4,5 килограми кокаин
- Јавниот обвинител за двете лица донесе наредба за истрага, а од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд - Скопје, побара притвор и куќен притвор, појаснуваат од Обвинителството.
Скопје, 11 февруари 2025 (МИА) - Приведени се две лица кај кои се пронајдени 4,5 килограми кокаин. За нив е побаран притвор и куќен притвор, информираа денеска од Јавното обвинителство.
- Како резултат на материјалните и видео докази, обезбедени при претресите во акцијата што под раководство на јавен обвинител беше спроведена на 18 и 19 јануари годинава, во текот на денешниот ден од слобода се лишени две лица. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на психотропни супстанци и прекурсори“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Од екстрахираните податоци, истражителите од Лабораторијата за дигитална форензика при Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, дошле до докази дека првоосомничениот, кој бил приведен во Гевгелија, сокрил 3,5 килограми кокаин во бункер во патничко моторно возило.
- Воедно, како резултат на доказите, побарани се и извршени претреси на дом кај приведените лица и притоа е пронајден уште еден килограм кокаин. Јавниот обвинител за двете лица донесе наредба за истрага, а од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд - Скопје, побара притвор и куќен притвор, појаснуваат од Обвинителството. бд/бак/
Фото: МИА архива