Јотова: Следниот технички премиер мора да ја врати довербата на граѓаните во изборниот процес
- Бугарската претседателка Илијана Јотова најави дека од вторник ги започнува консултациите со парламентарните групи за именување на нов технички премиер кој ќе треба да одговори на очекувањата на граѓаните за фер и транспарентни избори.
Софија, 1 февруари 2026 (МИА) - Бугарската претседателка Илијана Јотова најави дека од вторник ги започнува консултациите со парламентарните групи за именување на нов технички премиер кој ќе треба да одговори на очекувањата на граѓаните за фер и транспарентни избори.
Јотова денеска информираше дека веќе остварила сериозни разговори со потенцијалните кандидати од списокот утврден со Уставот.
– Разговорите беа содржајни и опфатија палета теми – од најитните задачи пред Бугарија, до клучниот прашање како да се врати довербата на луѓето во изборниот процес и да се спречат евентуални поништувања на изборите – изјави Јотова.
Таа појасни дека меѓу кандидатите кои прифатиле и оние кои одбиле немало разлика во сериозноста на пристапот, бидејќи претстојат одлуки поврзани со целосното воведување на еврото, надминување на ценовниот шок и дефинирање на надворешната политика на земјата.
Јотова потенцираше дека одговорноста за изборот на технички премиер паѓа врз Народното собрание, кое ги изгласа уставните промени.
– Ова не е мој личен избор, туку избор на институциите што тие ги дефинираа. Мојата идеја е следниот премиер максимално да одговори на очекувањата за справување со најважната задача – чесни избори, додаде таа. ссм/
фото: архива