• Thursday, 30 January 2025

Ѓорѓиевски: Првата затворена спортска сала во Пинтија е во завршна фаза

Ѓорѓиевски: Првата затворена спортска сала во Пинтија е во завршна фаза

Скопје, 29 јануари 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска изврши увид во завршните активности за изградба на првиот затворен спортски објект во населбата Пинтија. Салата, која има површина од околу 350 метри квадратни, лоцирана е во рамки на ПОУ „Рајко Жинзифов“, каде со години наставата по физичко образование се одвивала во несоодветни и супстандардни услови.  

Како што информира Општина Кисела Вода, во моментов се поставуваат панели и прозорци, а следната фаза вклучува поставување на електричната инсталација. Градежните активности се одвиваат според предвидениот план и до крајот на февруари салата ќе биде целосно завршена и ставена на користење на учениците.

-Ова е првпат населбата Пинтија да добие затворен спортски објект, што е од огромно значење за нашите деца. Со оваа инвестиција вложуваме во нивниот физички развој, спортски потенцијал и здрав живот. Рамномерниот развој на општината е наш приоритет, а преку изградба на спортска инфраструктура обезбедуваме подобри услови за учениците и младите. Оваа сала е дел од нашата визија за унапредување на животниот квалитет во Кисела Вода, изјави Ѓорѓиевски.

Подигнувањето на стандардите во образованието, како што нагласи, е столб на нашето работење, а тоа го докажуваме со бројни инвестиции во обнова на училишната инфраструктура, со посебен акцент на спортот.

- Не само во Пинтија, туку и во сите останати населби во општината, работиме на создавање на модерни и функционални училишни простори со цел да обезбедиме подобри услови за образовниот процес и правилен развој на младите, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски. мд/са/

Фото: Општина Кисела Вода 

You May Also Like