• Tuesday, 10 February 2026

Штипското државно училиште „Коле Нехтенин“ ќе отвори училишна реална компанија

Штипското државно училиште „Коле Нехтенин“ ќе отвори училишна реална компанија

Штип, 9 февруари 2026 (МИА) -Училишна реална компанија ќе се отвори во регионалното Државно средно училиште (ДСУ) „Коле Нехтенин“ во Штип, најави денеска директорката на училиштето, Јованка Шалева. Таа појасни дека компанијата ќе биде посебен правен субјект, кој ќе остварува приход за училиштето и ќе биде од помош за компаниите, со оглед на фактот дека ќе зема и ќе работи за нив.

Шалева посочи дека ова ќе биде од големо значење и за училиштето и за учениците, кои се едуцираат за елтромашинска и угостителска струка. Во меѓувреме во постапка е процесот на валидација.

-Ни требаше еден малку подолг период да ја направиме правната трансформација на училиштето, но сега веќе се насочивме и кон целите на регионалниот центар, направивме функционални анализи. Во постапка е процесот на валидација и се движиме во насока на отворање на училишна реална компанија.Тоа значи дека училиштето ќе има своја компанија која ќе биде посебен правен субјект која ќе остварува посебен приход, да ги понуди своите можности и да биде како еден вид помош на компаниите, да земе работа од нив, да сработи нешто и да биде во функција како посебен приход на училиштето – изјави Шалева.

Таа додаде дека сите активности се на самиот почеток, но се очекува од оваа есен  компанијата да почне со работа, согласно вакви и слични примери во останатите региони.

ДСУ „Коле Нехтенин“-Штип  прерасна во Регионален центар за средно стручно образование и е еден од осумте во државата. вдј/хс/ 

Фото: МИА

You May Also Like