Шариф: Екстремистите имаат за цел да ја спречат соработката меѓу Пакистан и Кина
- Нападите на сепаратистичките милитанти во пакистанската југозападна провинција Белуџистан имаат за цел да ги запрат развојните проекти кои се дел од кинеско-пакистанскиот економски коридор, изјави пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф.
Исламабад, 27 август 2024 (МИА) – Нападите на сепаратистичките милитанти во пакистанската југозападна провинција Белуџистан имаат за цел да ги запрат развојните проекти кои се дел од кинеско-пакистанскиот економски коридор, изјави пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф.
Нападите, кои почнаа во неделата и во кои загинаа повеќе од 70 луѓе, се најсмртоносните во последните години. Тие се спроведуваат на етничка основа, од милитанти кои сакаат провинцијата богата со ресурси да се отцепи од Пакистан. Во неа се спроведуваат големи проекти финансирани од Кина, како стратешко пристаниште, рудник за злато и бакар.
- Терористите сакаат да го запрат кинеско-пакистанскиот економски коридор и развојните проекти, рече Шариф на владиниот состанок, истакнувајќи дека целта е и влошување на односите меѓу Исламабад и Пекинг.
Кинеско-пакистанскиот економски коридор, за кој се верува дека се преземени обврски за развој во вредност од 65 милијарди долари, е дел од иницијативата „Појас и пат“ на кинескиот претседател Си Џинпинг. Пакистан не може целосно да ја изгради инфраструктурата потребна за искористување на ресурсите во провинцијата Белуџистан, каде што нивото на сиромаштија е високо, и побара помош од Пекинг.
Кина категорично ги осудува нападите во Пакистан и ќе продолжи да му дава силна поддршка на Исламабад во борбата против тероризмот, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.
Пекинг во минатото изразуваше загриженост за безбедноста на своите државјани кои работат на проекти во Пакистан, особено во Белуџистан. Шест кинески инженери кои работеа на проект за брана беа убиени во март во северозападен Пакистан. јт/
Фото: ЕПА