• Friday, 19 July 2024

Четворица приведени под сомнение дека шверцувале делови за воени дронови за Хезболах

Четворица приведени под сомнение дека шверцувале делови за воени дронови за Хезболах

Мадрид, 18 јули 2024 (МИА) – Тројца Шпанци и еден Германец се приведени во истрагата за продажба на делови за дронови на либанската организација Хезболах, која е поддржана од Иран.

- Истрагата почна во Шпанија каде што полицијата откри дека шпански компании во сопственост на државјани родени во Либан тргувале со големи количини делови и компоненти за воени беспилотни летала способни да носат експлозиви. Врз основа на анализа на документите за трговијата на компонентите во Европа, јасно е дека е можно неколку стотици или дури илјада беспилотни летала да се составени од Хезболах со овие делови, се наведува во соопштението на шпанската полиција.

Според шпанската полиција, дроновите кои тешко се откриваат и пресретнуваат, можат да носат и до неколку килограми експлозив пред да бидат насочен кон Израел.

- Остатоците од беспилотните летала лансирани од Хезболах пронајдени во Израел се совпаѓаат со компонентите што ги заплени полицијата во Шпанија и Германија, се посочува во соопштението на шпанската полиција.

Израел и Хезболах меѓусебно се напаѓаат откако либанската група прогласи „Фронт на поддршка“ за Палестинците набргу откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври минатата година, предизвикувајќи израелска воена офанзива во Појасот Газа. Во борбите во Либан загинале повеќе од 100 цивили и над 300 борци на Хезболах, а уништени се либанските погранични градови и села. ми/

фото: МИА архива