Холандија ќе биде домаќин на Меѓународната комисија за решавање на украинските барањата за воена отштета
- Високи европски претставници на денешниот состанок во Хаг ќе одобрат формирање на меѓународно тело со седиште во Хаг, кое ќе одлучува за отштета што треба да ѝ се исплати на Украина поради руската инвазија
Хаг, 16 декември 2025 (МИА) – Високи европски претставници на денешниот состанок во Хаг ќе одобрат формирање на меѓународно тело со седиште во Хаг, кое ќе одлучува за отштета што треба да ѝ се исплати на Украина поради руската инвазија.
Телото, наречено Меѓународна комисија за решавање на барања за Украина, ќе ги процени и ќе одлучи за барањата за репарации, вклучително и износите што треба да се платат, со оглед на тоа што веќе постои „регистар на штети“ и се примени околу 80.000 барања за отштета од поединци или организации.
Создавањето на ова тело ќе биде одобрено на состанок на високо ниво во Хаг, на кој ќе присуствуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски и високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
Механизмот за отштета ќе го координира Советот на Европа во Стразбур, тело од 46 земји задолжено за заштита на човековите права на континентот, од кое Русија беше исклучена во март 2022 година по инвазијата на Украина.
Третата фаза би вклучувала создавање фонд за компензација, но функционирањето на овој клучен дел од механизмот сè уште не е разјаснето, особено околу прашањето за можната употреба на замрзнатите руски средства.
Европскиот план за користење на овие средства е поддржан од многу земји-членки на ЕУ, вклучително и Германија, но се соочува со силен отпор од Белгија.
Лидерите на ЕУ треба да одлучат за ова прашање на состанокот на Европскиот совет што почнува в четврток. ми/
фото: МИА архива