• Friday, 08 November 2024

Ховениер до косовските политичари: Надминете ги недразбирањата, решете го прашањето на исчезнатите

Ховениер до косовските политичари: Надминете ги недразбирањата, решете го прашањето на исчезнатите

Приштина, 30 август 2024 (МИА) – На Меѓународниот ден на сеќавањето на насилно исчезнатите лица, американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, заедно со амбасадорите на Франција и на Обединетото Кралство, Оливие Гуеро и Николас Абот, оддадоа почит кај споменикот насилно исчезнатите за време на војната во Косово во 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

По положувањето венци на споменикот, Ховениер рече дека заедно со колегите од дипломатскиот кор го повторува повикот до косовските политичари да ги надминат разликите и да ги решат случаите на исчезнатите лица.

„На овој Меѓународен ден на жртвите на присилните исчезнувања, им се придружив на премиерот Курти и колегите од дипломатскиот кор за да им оддадам почит на косовските семејства кои тагуваат и чекаат вести за нивните изгубени најблиски. Го повторуваме нашиот повик до институциите и официјалните лица да ги надминат разликите и заеднички да работат на решавање на случаите на исчезнати лица“, ја пренесува Фејсбук-страницата на Амбасадата на САД пораката на Ховениер.

Косовскиот премиер, Албин Курти, исто така оддаде почит кај споменикот на изсчезнатите, заедно со потпретседателката на Собранието Саранда Богујевци и вицепремиерката и шефица на косовската дипломатија, Доника Гервала.

Над 1.600 цивили од Косово, меѓу кои и многу деца, се водат како исчезнати од последната војна со Србија. Косовските власти постојно бараат од Белград да ги отвори досијеата на тогашните југословенска и српска војска и полиција и да ги откријат местата низ Србија каде што, според Приштина, се наоѓаат масовните гробници со ликвидирани цивили Албанци.