ФПИОРСМ: Соработката со ММФ може да придонесе во изноѓање решенија за подобро функционирање на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување
- СООПШТЕНИЕ: Директорот на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, Никола Мемов денеска имаше средба со мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, предводена од шефот на мисијата Анет Кјобе, на која, како што информираат од Фондот за ПИОРСМ, било разговарано за системот за пензиско осигурување, плановите за наредниот период и решенијата за подобро функционирање на истиот.
Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија, Никола Мемов денеска имаше средба со Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, предводена од шефот на мисијата Анет Кјобе, на која, како што информираат од Фондот за ПИОРСМ, било разговарано за системот за пензиско осигурување, плановите за наредниот период и решенијата за подобро функционирање на истиот.
Според Шефот на мисијата на ММФ Кјобе, во фокусот на нивното интересирање во оваа посета на земјата се плановите за наредната 2025 година, буџетот, среднорочната стратегија, како и интервенциите во пензискиот систем.
Кјобе, исто така, посочил дека тие во извештајот што ќе го подготват во февруари следната година ќе ги дадат своите препораки и сугестии, меѓу кои и оние за пензискиот систем.
Мемов, се вели во соопштението, ги запознал членовите на мисијата како функционира пензискиот систем и начинот на кој се врши усогласувањето на пензиите, а се задржал и на последната мерка на владата за зголемување на пензиите од 2500 денари сега и следната година кога ќе се исплати мартовската пензија. Тој, исто така, нагласил дека во тек се повеќе активности за подобрување на функционалноста на Фондот, за што се работи и на проект со Светска банка.
Како што информираат од ФПИОРСМ, Мемов потенцирал дека во наредниот период ќе биде изготвена анализа за причините за дефицитот во буџетот на Фондот за исплата на пензиите, а до владата ќе бидат доставени краткорочни и среднорочни стратешки мерки за зголемување на приходите. Тој, меѓу другото, посочил дека тоа е во функција на обезбедување на социјалната сигурност на корисниците на пензии, но и на сите осигуреници. аа/мд/
Фото: ФПИОРСМ