• Sunday, 28 July 2024

Фицо и Шмихал разговарале за транзитот на руска нафта преку Украина

Фицо и Шмихал разговарале за транзитот на руска нафта преку Украина

Братислава, 26 јули 2024 (МИА) – Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска имал телефонски разговор со неговиот украински колега Денис Шмихал во врска со транзитот на руска нафта преку Украина, дознава словачката агенција ТАСР од кабинетот на словачката влада.

Фицо на украинскиот премиер му предложил техничко решение во кое треба да учествуваат повеќе земји, меѓу кои и Словачка. Извори од Владата во Братислава рекле дека е исклучително важно рафинеријата „Словнафт“ да продолжи со транзитот на дел од руската нафта, бидејќи алтернативните извори на нафта се поскапи и несоодветни од технолошки аспект.

Според словачкиот кабинет, целиот случај во кој е суспендиран транзитот на руска нафта настанал по одлуката на украинскиот претседател на 24 јуни да ја стави руската компанија Лукоил, снабдувач со нафта на Словнафт, на листата на санкции.

Интензивните политички и експертски преговори на највисоко ниво ќе продолжат и во наредните часови и денови, додаваат од канцеларијата, пишува ТАСР. Фицо минатата сабота телефонски разговарал со Шмихал за резервите на нафта.

Словачка и Унгарија го засилија притисокот откако минатата недела соопштија дека престанале да добиваат нафта од руската групација Лукоил преку Украина, откако Киев ја стави компанијата на листата на санкции. јт/

Фото: МИА архива