• Thursday, 18 July 2024

УНХЦР вети нов пакет помош за да и помогне на Украина да се подготви за зимата

УНХЦР вети нов пакет помош за да и помогне на Украина да се подготви за зимата

Киев, 17 јули 2024 (МИА) – Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР, објави пакет помош од 100 милиони долари за да и помогне на Украина да се подготви за зимата, соопшти кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Како што јави ДПА, Зеленски се сретна со високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди за време на петтата посета на Гранди на Украина од почетокот на руската инвазија.

- Ја цениме денешната најава за нов пакет помош од УНХЦР во вредност од 100 милиони американски долари за подготовка на Украина за зимата. Имајќи го предвид постојаното гранатирање на енергетските капацитети, ова е многу важна помош, рече Зеленски.

Тој додаде дека на Украина и е потребна дополнителна поддршка за да ги обнови уништените домови и да организира засолништа во училиштата и болниците за да можат Украинците да се вратат дома.

Гранди на Х напиша дека го уверил Зеленски дека УНХЦР продолжува да „стои покрај неговата влада“ во помагањето на Украинците погодени од војната.

- Подготовка за зимата е приоритет: УНХЦР веќе може да издвои 100 милиони американски долари и ќе продолжи да мобилизира повеќе ресурси, напиша Гранди.

Гранди, исто така, ја посети педијатриската болница Охматдит во Киев, каде што најмалку две лица загинаа, а уште 17 беа ранети, меѓу кои седум деца, во ракетниот напад што се случи претходно месецов.

- Ниту едно место не треба да биде позаштитено од болница за деца. Сепак, таа беше погодена со проектил на 8 јули, напиша тој на X.

УНХЦР проценува дека околу 6,5 милиони луѓе побегнале од Украина во странство од почетокот на војната во февруари 2022 година.

Околу 3,5 милиони други се раселени од своите домови поради борбите и најдоа засолниште во други делови на Украина. јт/

Фото: Х