• Tuesday, 16 December 2025

Умеров: На разговорите во Берлин постигнат е реален напредок

Умеров: На разговорите во Берлин постигнат е реален напредок

Киев, 15 декември 2025 (МИА) – Главниот преговарач на Украина, Рустем Умеров денеска изјави дека претставниците на САД и Украина постигнале реален напредок за време на втората рунда мировни преговори во Берлин за прекин на војната со Русија, објави Ројтерс.

- Во текот на изминатите два дена, разговорите меѓу Украина и САД беа конструктивни и продуктивни, при што е постигнат вистински напредок, објави Умеров на платформата Икс, кој е секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина.

Тој истакна дека американскиот тим, предводен од Стив Виткоф и Џаред Кушнер, „работи исклучително конструктивно за да ѝ помогне на Украина да најде пат кон траен мировен договор“.

Претходно и американскиот специјален претставник Стив Виткоф, кој со Зеленски вчера имаше петчасовен разговор изјави дека е постигнат „голем напредок“. ми/ссм/

фото: ЕПА