• Friday, 25 October 2024

Украинско воено разузнавање: Севернокорејски единици се распоредени во областа Курск

Украинско воено разузнавање: Севернокорејски единици се распоредени во областа Курск

Киев, 24 октомври 2024 (МИА) – Украинската воена разузнавачка служба денеска соопшти дека првите севернокорејски единици обучени во Русија се распоредени во областа Курск, руската погранична област каде што украинските сили извршија операција во август.

Кремљ претходно ги отфрли информациите за распоредување на севернокорејски војници како „лажни вести“, меѓутоа, рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека на Москва е да го спроведе договорот за партнерство со Пјонгјанг.

Путин не негираше дека во Русија во моментов има севернокорејски војници.

- Првите единици на армијата од КНДР, кои беа обучувани на источните руски полигони, веќе пристигнаа во борбената зона на руско-украинската војна. Поточно, на 23 октомври 2024 година, нивното присуство беше забележано во регионот Курск, се вели во соопштението на украинската разузнавачка агенција што го пренесуваат некои светски агенции.

Покрај тоа, украинската воена разузнавачка агенција соопшти дека вкупно околу 12.000 севернокорејски војници, вклучувајќи 500 офицери и тројца генерали, веќе се во Русија, каде се обучуваат во пет воени бази. јт/