• Thursday, 27 June 2024

Украина и Молдавија официјално ги отворија преговорите за пристапување во ЕУ

Украина и Молдавија официјално ги отворија преговорите за пристапување во ЕУ

Луксембург, 25 јуни 2024 (МИА) -  Украина и Молдавија официјално ги почнаа преговорите за членство со Европската унија во Луксембург на две одделни меѓувладини конференции за пристапување.

Првите меѓувладини конференции за пристапување следеа по одлуката на Европскиот совет од декември минатата година и усвојувањето на преговарачката рамка минатата недела.

Преговорите прво ги отвори Украина, а веднаш потоа и Молдавија.

Европската страна на меѓувладината конференција ја претставуваа белгискиот министер за надворешни работи Хаџа Лахбиб и комесарот за проширување Оливер Вархеји.

„Ова е историски ден за Украина и за ЕУ. Преговорите што денеска ги отвораме ќе бидат строги и напорни“, рече белгиската министерка, додавајќи дека е убедена дека Украина со решителност и посветеност успешно ќе го заврши пристапниот процес.

„Иднината на Украина и нејзините граѓани и припаѓа на ЕУ“, рече таа.

Отворањето на преговорите го поздрави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Многу е добра вест што Европската унија денеска ги отвора пристапните преговори со Украина и Молдавија“, рече фон дер Лајен во видео пораката.

Советот на ЕУ ја повика Комисијата да продолжи да го анализира степенот на усогласеност на Украина и Молдавија со европските стандарди и да ги идентификува прашањата што најверојатно ќе се појават во преговорите, почнувајќи од основниот кластер поврзан со правдата и внатрешните работи, која според методологијата за преговарање е прва што се отвора, а последна затвора.

Белгиското претседавање со Советот на ЕУ успеа во намерата да ги отвори преговорите до крајот на својот мандат, а пред Унгарија да го преземе претседавањето.зш/