• Saturday, 22 February 2025

Трудо: Украина треба да биде вклучена во мировните преговори

Трудо: Украина треба да биде вклучена во мировните преговори

Отава, 21 февруари 2025 (МИА) – Премиерот на Канада, Џастин Трудо, во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, истакна дека секој мировен договор со Русија мора да ја вклучи Украина на преговарачка маса.

Трудо ја потврди поддршката на Канада за Киев и „нагласи дека не може да има одржлив мир во Европа без безбедност за Украина“.

Канадскиот премиер телефонски разговараше и со италијанската колешка Џорџа Мелони. Според украинските медиуми, Мелони потврди дека „приоритетот на Италија е ист како и на другите од Европа, НАТО и Киев е да направи се што е можно за да се запре конфликтот и да се постигне мир.

- Храброста и решителноста на Украинците, заедно со поддршката на Западот, беа факторите што ги создадоа условите за преговори за евентуален мировен договор денес. Италија, заедно со САД и нејзините европски и западни партнери, работи на траен мир во Европа, кој бара реални и ефективни гаранции за безбедноста на Украина, посочи Мелони.

Претходно и претседателот на Франција, Емануел Макрон на Икс објави дека телефонски разговарал со Зеленски за најновите дипломатски напори и да ги подготви следните чекори, вклучително и за неговото патување во Вашингтон следната недела. ми/

фото: ЕПА