• Thursday, 17 October 2024

Тројца повредени во престрелка во стан во Антверпен 

Тројца повредени во престрелка во стан во Антверпен 

Брисел, 16 октомври (МИА) - Три лица се потешко повредени попладнево при престрелка во стан во белгискиот пристанишен град Антверпен, јави националниот јавен радиодифузен сервис ВРТ. 

Според претставникот на локалната полиција Вутер Брујнс, во врска со инцидентот се уапсени пет лица. Меѓу лишените од слобода се и тројцата повредени, од кои двајца се наоѓаат во животна опасност. Уапсените се на возраст од 23 до 38 години. 

Брујнс истакна дека се истражува точната улога на секој од уапсените, бидејќи не се знае кои се сторители и кои се жртви во инцидентот. 

ВРТ информира дека полицијата засега не го соопштила идентитетот на инволвираните лица во инцидентот, но, според неофицијални извори, тие се со албанско потекло. 

Сопственикот на ресторан што се наоѓа во зградата во кој се случила престрелката за телевизијата изјави дека слушнал „три или четири истрели“.  

- Некој потоа влезе (во ресторанот) и ме праша дали можам да повикам брза помош. Полицијата дојде за една минута, додаде тој. 

Друг очевидец изјави дека набрзо по престрелката пристигнале полицијата, брзата помош и противпожарно возило. - Видовме како беа однесоа две лица, додаде тој. 

Сопственикот на ресторанот изјави и дека пожарникари преку скалите на противпожарното возило пристапиле до станот, од каде преку прозорецот извлекле едно повредено лице. 

Реонот околу зградата во која се случил инцидентот е блокиран и во тек е увид од страна на форензичари и истражители. сп/

Фото: Скриншот