• Friday, 27 December 2024

Трипуновски: Тутунопроизводителите годинава ќе бидат многу позадоволни

Трипуновски: Тутунопроизводителите годинава ќе бидат многу позадоволни

Прилеп, 5 декември 2024 (МИА) - Тутунопроизводителите оваа година ќе бидат многу позадоволни од минатата година. Просекот кој ќе се постигне на ниво на држава ќе биде биде поголем од минатогодишниот, порача министерот за земјоделство Цветан Трипуновски при денешната посета на градскиот откупен пункт во прилепскиот Тутунски комбинат.

Досега се откупени 1 400 тони тутун по просечна цена од 374, 3 денари и се исплатени 45 проценти од откупениот тутун. Земјоделскиот инспекторат го следи овој процес.

-Ние како Министерство сме во комуникација со сите здруженија, Со Сојузот на тутунските здруженија кој е овластен од министерството и го следиме целиот процес. Се надевам дека по викендот ќе добие поголем интензитет. Да кажеме дека крајниот рок сите откупувачи да го преземаат родот е 15 декември. Сакам да упатам една јасна порака до сите тутунопроизводители дека оваа година ќе бидат многу позадоволни од минатата година. Просекот кој ќе се постигне на ниво на држава ќе биде биде поголем од минатогодишниот . Едноставно, ние како држава, ние како Министерство, никогаш нема да дозволиме да има разочарување како во минатото, изјави Трипуновски.

Министерот за земјоделство уверува дека интензивно се работи на зголемување на производството кое е битна социјална и економска гранка.

-Жалам дека сега имаме преполовен род, но како Влада работиме веќе од наредната година заеднички, партнерски да го враќаме квантитетот на тутунопроизводството, бидејќи многу е важно и од социјален, и од економски аспект за државата, рече Трипуновски.

Директорот на Државниот земјоделски инспекторат Васе Анакиев рече дека нема проблеми со откупот, инспекторите го следат процесот.

-Од вкупно пријавени 287, отворени се 280, а седумте за брзо ќе бидат отворени. Инспекторите се на теренот и засега откупот се одвива без проблеми, изјави Анакиев.

Сојузот на тутунските здруженија вели дека досега тутунарите со откупната цена се задоволни, но нема да се откажат од барањето до откупувачите за зголемување на цената.

-Со откупувачите успеавме да договориме да нема класи, сиот род да оди во прва класа. Сме во преговори со откупувачите понатаму, со министерството да дојдеме до поголема цена. Ние од тоа не се откажуваме, рече Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија при денешната посета на откупниот пункт во прилепскиот Тутунски комбинат. ем/сст/

Фото извор МИА

 

You May Also Like