Трипуновски: Откупот и продажбата на земјоделски производи се зголемени за 15 отсто во последното тримесечје
- Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15 отсто во однос на истиот период од 2024 година, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица, каде беше на средба со производители и откупувачи на пролетна зелка од овој регион
Струмица, 18 февруари 2026 (МИА) - Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15 отсто во однос на истиот период од 2024 година, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица, каде беше на средба со производители и откупувачи на пролетна зелка од овој регион.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
-Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.

На средбата со производителите и откупувачите на пролетната зелка, чиј откуп ќе почне да се интензивира во средината на идниот месец, министерот Трипуновски порача дека денеска е тука да поразговара и да се види каков е интересот, кои се плановите за количини коишто планираат да ги откупат, од друга страна се и земјоделците да ги слушне каква е состојбата на терен.
-Јас сум убеден дека како и минатата година ќе имаме успешна година затоа што имаме квалитетен земјоделски производ којшто се бара надвор од нашите граници, не е само Украина, има и други држави коишто се заинтересирани за овој квалитетен земјоделски производ. На сите средби на коишто сум надвор од нашата држава, дали се тоа министерски форуми или билатерални средби, комуникација со министрите од регионот, секогаш и секаде користев прилика да го промовирам нашето македонско квалитетно земјоделско производство и нормално да ги отвораме пазарите ширум светот и Европа, потенцираше Трипуновски.
Инаку, според производителите годинава се очекува род на пролетната зелка меѓу 60 и 80 илјади тони, а почетното производство засега се откупува за 50 денари за килограм.рт/вј/
Фото: МИА