• Wednesday, 25 February 2026

Трамп ја нарече одлуката на Врховниот суд за царините „несреќна“

Трамп ја нарече одлуката на Врховниот суд за царините „несреќна“

Вашингтон, 25 февруари 2026 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ја критикува одлуката на Врховниот суд на САД против неговите царини во своето обраќање за состојбата на Унијата.

Минатата недела највисокиот суд ги поништи значајните царински политики на Трамп, спроведени според законот за вонредна состојба, без одобрение од Конгресот, што претставува пораз за претседателот, што ги остави глобалните трговски партнери да се мачат да ги разберат последиците.

Во присуство на четири судии на Врховниот суд, Трамп вчера ја нарече одлуката „несреќна“ и „разочарувачка“.

Набргу по објавувањето на одлуката, Трамп рече дека ќе воведе светски царини од 10 отсто за увоз во Соединетите Американски Држави наведувајќи поинаква правна основа. Во саботата тој рече дека ќе ги зголеми царините на 15 проценти.

Во своето обраќање вчера претседателот ги промовира своите нови глобални царини според член 122 од Законот за трговијата од 1974 година.

„Тие се малку посложени, но всушност се веројатно подобри, што ќе доведе до решение што ќе биде уште посилно од претходно“, рече Трамп додавајќи дека „конгресната акција нема да биде потребна“.

Законот за трговијата му дава овластување на претседателот да воведува привремени трговски мерки за решавање на проблемите со платниот биланс до 150 дена. По овој период, мерките ќе треба да бидат одобрени од Конгресот.

Републиканците на Трамп имаат само тесно мнозинство во двата дома на Конгресот. Многу републиканци можеби сакаат да избегнат евентуално гласање за царините пред клучните среднорочни избори, кои треба да се одржат во ноември. мс/јт/

фото: ДПА