• Thursday, 30 January 2025

Стерјовски: Побаравме од МЕНР на Албанија да потпише договор со соседните земји за меѓусебно признавање на малцинствата на реципроцитетна основа

Стерјовски: Побаравме од МЕНР на Албанија да потпише договор со соседните земји за меѓусебно признавање на малцинствата на реципроцитетна основа

Дебар, 29 јануари 2025 (МИА) - Претседателот на единствената македонска партија во Албанија,  Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски, гостуваше во емисијата „60 минути" на албанската телевизија СКАН, на тема прашања и проблеми на малцинствата во оваа земја.

Меѓу другото изјави дека македонската заедница има предложено до албанското Министерство за Европа и надворешни работи (МЕНР) да потпише договор со Северна Македонија, Црна Гора и Грција за меѓусебно признавање на малцинствата на реципроцитетна основа.

- Само една работа сакам да ви појаснам. Ние, конкретно како македонска заедница, побаравме од Министерството, пред години, да преземе иницијатива и да воспостави меѓусебно признавање на малцинствата со сите земји во регионот. Со сите земји во регионот, да потпишеме со Македонија, Црна Гора и Грција, рече тој.

Предложивме, додаде,  да потпишеме договор за меѓусебно признавање на малцинствата и да „направиме правна рамка, што ќе дадеме ние овде, што ќе дадете вие таму по основ на реципроцитет".

На прашањето на новинарот: Како се изразија? Стерјовски одговори дека „од албанските институции немаше никаков одговор". 

Како и на гостувањето на МЦН телевизија, деновиве,  и овој пат зборувајќи за бројноста на македонската заедница во оваа земја, рече дека реално брои над 100 илјади на целата територија на Република Албанија и доколку „би бил спроведен реален попис тоа ќе се потврди". вт/дма/


Фото: принтскрин

You May Also Like