• Wednesday, 26 June 2024

Стела Асанж ќе бара помилување за Џулијан

Стела Асанж ќе бара помилување за Џулијан

Канбера, 25 јуни 2024 (МИА) – Стела Асанж, сопруга на основачот на Викиликс, Џулијан, денеска изјави дека ќе бара негово помилување откако тој призна вина за кршење на американските закони за шпионажа.

Таа посочи дека ќе бара помилување бидејќи признавањето на вината за шпионажа е „многу сериозна причина за загриженост“ за новинарите ширум светот.

Асанж (52) утре ќе биде сослушан во Саипан на Северните Маријански Острови по една точка од обвинението - заговор со цел добивање и објавување доверливи документи за одбрана на САД. Се очекува тој да биде осуден на 62 месеци затвор, казна што веќе ја одлежа.

Основачот на Викиликс ќе треба сам да го плати чартер-лет до Саипан, а потоа до Австралија, што ќе го чини половина милион долари, па ќе почне кампања за собирање донации.

Асанж 14 години водеше правна битка, од кои пет години помина во лондонскиот затвор Белмарш, а претходно седум години беше во егзил во Амбасадата на Еквадор во Лондон.

Стела Асанж работеше како бранител на човекови права и адвокат во Источен Тимор и Боцвана пред да се приклучи на правниот тим на Асанж во Лондон. Таа во 2011 година се приклучува кон правниот тим на Викиликс за време на неговото затворање. Стела успеа да спречи екстрадиција на Асанж во Шведска поради обвиненијата за сексуален напад, кои подоцна беа отфрлени.

Стела и Џулијан во 2015 година почнаа романтична врска додека тој беше во егзил во Амбасадата на Еквадор во Лондон и имаат две деца. Тие се венчаа во затворот Белмарш. ми/

фото: ЕПА