Средба на претседателот Пендаровски со министерката за надворешни работи на Романија, Луминица Одобеску
- Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими министерката за надворешни работи на Романија, Луминица Одобеску, која престојува во работна посета на Северна Македонија, соопшти кабинетот од шефот на државата.
Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими министерката за надворешни работи на Романија, Луминица Одобеску, која престојува во работна посета на Северна Македонија, соопшти кабинетот од шефот на државата.
На средбата стана збор за актуелните состојби поврзани со европските аспирации на нашата држава и текот на скрининг-процесот. Заблагодарувајќи се за поддршката што Романија ја дава за остварување на стратешките определби на земјава, претседателот Пендаровски посочи на потребата за напредок во процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, во функција на стабилност, безбедност, демократски развој и просперитет на регионот.
-Истовремено, претседателот Пендаровски го поздрави потпишувањето на акциониот план за соработка меѓу министерствата за надворешни работи во следните две години и протоколот за соработка во областа на образованието, коишто ќе придонесат за натамошно унапредување на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Романија, стои во соопштението од кабинетот на претседателот на државата.
Министерката Одобеску и претседателот Пендаровски разговараа и за севкупните односи меѓу двете држави, соработката во рамки на НАТО-алијансата и на ОБСЕ, како и за состојбите во поширокиот регион, вклучувајќи ги случувањата во Украина и на Блискиот Исток. љм/са/
Фото: кабинет на претседател на РСМ