Средба на претседателот на Собранието Гаши со австралискиот амбасадор Емери
- Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска имал средба со Даниел Џозеф Емери, амбасадор на Австралија за Република Северна Македонија со седиште во Белград, на која разговарале за билатералните односи меѓу двете земји.
- Post By Хатка Смаиловиќ
- 13:52, 3 July, 2024
Скопје, 3 јули 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска имал средба со Даниел Џозеф Емери, амбасадор на Австралија за Република Северна Македонија со седиште во Белград, на која разговарале за билатералните односи меѓу двете земји.
Собраниската прес-служба известува дека на средбата се разговарало и за преземените чекори на нашата држава во остварување на стратешките цели, за што во континуитет, како што наведува, „имаме поддршка од нашите пријателски земји, меѓу кои и Австралија“.
-Претседателот Гаши нагласи дека Северна Македонија и Австралија, иако се просторно многу далечни, всушност негуваат мошне блиски и пријателски односи и споделуваат слични вредности, посебно во поглед на светскиот мир и демократијата. Беше посочено дека наредната година се заокружуваат 30 години од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји и беше заклучено дека тоа претставува дополнителен поттик за понатамошно продлабочување на соработката и во делот на економијата и инвестициите, особено ако се има предвид дека голем број граѓани со потекло од земјава живеат и работат во Австралија, информира Собранието.
Соговорниците ја оцениле како позитивна и продуктивна комуникацијата на ниво на парламенти и преку пратеничките групи за соработка, а во однос на мултилатералната соработка било особено истакнато партнерството во рамки на НАТО и членството во Обединетите нации. хс/дма/
Фото: Собрание на Република Северна Македонија