• Friday, 23 January 2026

Средба на директорот на ТИРЗ со сопственикот на компанијата „Zenith Water Heater“

Средба на директорот на ТИРЗ со сопственикот на компанијата „Zenith Water Heater“

Скопје, 22 јануари 2026 (МИА) – Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, денеска оствари средба со Куреш Мукадам, сопственик на компанијата за производството на висококвалитетни системи за загревање вода „Zenith Water Heater“, на која се разговараше за тековните активности на компанијата и можностите за нови инвестиции во рамки на зоните, соопштуваат од ТИРЗ.

На средбата, Димовски ги презентирал инвестициските можности што ги нуди државата преку ТИР зоните, при што ја нагласил активната институционална поддршка за потенцијалните инвеститори, стабилната деловна клима и поволностите за долгорочен раст и развој на компаниите кои работат во зоните.

Како што се наведува во соопштението, сопственикот на „Zenith Water Heater“ изразил интерес за инвестирање, и ги претставил плановите за проширување на деловните активности, имајќи предвид дека компанијата веќе е присутна во земјава. Тој ја истакнал позитивната соработка со институциите, како и значењето на поддршката при носењето одлуки за нови инвестиции. 

– Компанијата „Zenith Water Heater“, со седиште во Аџман, Обединетите Арапски Емирати, е меѓу водечките светски производители на бојлери и системи за загревање вода. Како подружница на Star Industrial Products LLC, компанијата нуди сигурни и ефикасни решенија за домаќинства, бизниси и индустрии, а своите производи ги пласира на пазарите во повеќе од 30 земји на Блискиот Исток, Азија, Европа и Африка, стои во соопштението. ра/вј/

Фото: ТИРЗ