• Saturday, 26 October 2024

Средба Божиноска-Казуја, во фокусот зајакнување на соработката со Јапонија во областа на енергетиката и рударството

Средба Божиноска-Казуја, во фокусот зајакнување на соработката со Јапонија во областа на енергетиката и рударството

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска се сретна со јапонскиот амбасадор во земјава Оцука Казуја.

Целта на состанокот, како што соопшти Кабинетот на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, беше зајакнување на соработката со Јапонија во областа на енергетиката, рударството и развојот на минералните суровини.

Министерката Божиновска изразила благодарност за поддршката што Јапонија и ја дава на нашата држава во различни области, истакнувајќи ја важноста на јапонската технологија и експертиза во енергетскиот сектор.

- Нашата земја се соочува со предизвици во енергетската транзиција и одржливиот развој. Соработката со Јапонија може да ни помогне да ги постигнеме нашите цели за одржлива енергија и иновации, нагласила Божиновска.

Амбасадорот Казуја, пак, ја нагласил важноста на оваа соработка, посочувајќи дека Јапонија е посветена на инвестирање во проекти кои ќе придонесат за енергетската стабилност на Македонија.

- Јапонските компании поседуваат напредни технологии и решенија кои можат да помогнат во развојот на обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност, истакнал јапонскиот амбасадор.

- Тема на дискусијата беше и можноста за имплементација на проекти за обновливи извори на енергија. Двете страни се согласија дека инвестициите во овие области не само што ќе придонесат за енергетската независност на Македонија, туку и за намалување на емисиите на CO2 и исполнување на климатските обврски. Покрај тоа, министерката Божиновска и амбасадорот се согласија дека важно е да се создадат услови за поинтензивна соработка помеѓу македонските и јапонските компании. Во таа насока, ќе се организираат бизнис форуми и семинари за размена на информации и искуства, како и за идентификување на потенцијални заеднички проекти, стои во соопштението.

Министерката Божиновска и амбасадорот Казуја, како што се наведува, потврдија дека заедничките напори ќе продолжат, а идните чекори ќе бидат насочени кон конкретни проекти и иницијативи кои ќе ја унапредат економската соработка и ќе придонесат за развојот на Македонија. мд/лв/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

You May Also Like