Сочувство од македонската амбасада во Тирана и од МАЕИ
- Македонската амбасада во Тирана, како и единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ изразија длабоко и искрено сочувство до семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани и посакаа побрзо закрепнување на повредените.

Тирана, 16 март 2025 (МИА) – Македонската амбасада во Тирана, како и единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ изразија длабоко и искрено сочувство до семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани и посакаа побрзо закрепнување на повредените.
-Со болка во срцата, изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата, пријателите и блиските на младите животи кои трагично згаснаа. Оваа загуба е ненадоместлива, а болката ја делиме со целиот народ. Во овие тешки моменти, зборовите не се доволни за да ја опишат тагата и празнината што останува. Но, споменот за нив нека живее вечно во нашите срца, а нивните души нека најдат мир. Почивајте во мир. Нека светлината ја води вашата патека во вечноста, стои во објавата на Амбасадата.
Македонската партија, МАЕИ, во објавата наведува дека „со длабока тага ја примивме веста за трагедијата што ја погоди Македонија и градот Кочани, за која нема зборови за утеха“.
-Партијата Македонска алијанса за европска интеграција изразува длабоко и искрено сочувство до семејствата на загинатите, чија болка е неизмерна и за што нема зборови за утеха. Бог да ги прости и нека им подари вечен мир во Царството Небесно. Македонците од Албанија се молат за душите на починатите и за брзо закрепнување на повредените. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со нив, стои во објавата на МАЕИ.
Претходно сочувство изразија и МД „Илинден“, градоначалникот на општина Пустец, Пали Колефски, лидерот на МАЕИ, Васил Стерјовски и Панди Јани, претседател на разгранокот на Партијата на слободата за општина Пустец, посакувајќи им побрзо закрепнување на повредените. вт/вг/
Фото: МИА