Соработка на Општина Кисела Вода и Археолошкиот музеј за промоција на културното богатство
- Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, и директорката на Археолошки музеј на Република Македонија, Магдалена Манаскова, денеска потпишаа меморандум за соработка. Како што соопшти Општина Кисела Вода, овој значаен документ поставува цврсти темели за стратешко партнерство насочено кон заштита, истражување и одржливо користење на културно-историскиот потенцијал на територијата на општината.
- Post By Хатка Смаиловиќ
- 12:37, 14 April, 2026
Скопје, 14 април 2026 (МИА) - Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, и директорката на Археолошки музеј на Република Македонија, Магдалена Манаскова, денеска потпишаа меморандум за соработка.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, овој значаен документ поставува цврсти темели за стратешко партнерство насочено кон заштита, истражување и одржливо користење на културно-историскиот потенцијал на територијата на општината.

-Соработката предвидува унапредување на научноистражувачките активности, зачувување на културното наследство и развој на културниот туризам. Двете институции заеднички ќе работат на планирање на археолошки истражувања, конзервација и презентација, размена на стручни знаења и интегрирање на културното наследство во пошироката едукативна понуда, се наведува во соопштението.
Според меморандумот, Општината ќе обезбеди логистичка, инфраструктурна и промотивна поддршка, додека Музејот ќе ја понуди својата неопходна стручна и научна експертиза преку вклучување на археолози и конзерватори.

-Културното наследство е нашиот идентитет и наша обврска е да го заштитиме и соодветно да го промовираме. Со потпишувањето на овој Меморандум, Општина Кисела Вода и Археолошкиот музеј се обединуваат во заложбата за валоризација на нашата историја. Оваа соработка ќе овозможи стручна заштита на културните добра и нивно доближување до граѓаните преку едукативни програми и развој на културниот туризам. Нашата цел е преку силна меѓуинституционална поддршка да создадеме трајни вредности за идните генерации, истакна градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска. хс/вј/
Фото: Општина Кисела Вода