Современа австриска уметност во Чифте амам: отворена изложбата „Флора - фауна - покриви“
- Во присуство на многубројни гости и љубители на уметноста, вчеравечер, во Националната галерија - објект Чифте амам - беше отворена изложбата „Флора - фауна - покриви“ на современите австриски уметници Констанце Пирх, Манфред Лајрер и Харо Пирх, чии дела се инспирирани од природата, животот и просторот што нè опкружува.
- Post By Фатиме Фазљији
- 10:57, 13 March, 2026
Скопје, 13 март 2026 (МИА) - Во присуство на многубројни гости и љубители на уметноста, синоќа во Националната галерија - објект Чифте амам - беше отворена изложбата „Флора - фауна - покриви“ на современите австриски уметници Констанце Пирх, Манфред Лајрер и Харо Пирх, чии дела се инспирирани од природата, животот и просторот што нè опкружува.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето обраќање пред присутните истакна дека „изложбата е културен настан, кој ја носи свежината од пријателска Австрија, но и убав повод уште еднаш да ги потврдиме традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете држави, кои ги поврзуваат длабоки културни, историски и духовни врски“.

Тој посочи дека двете држави со години градат партнерство, каде што културната соработка има особено значајна улога.
- Македонија и Австрија со години градат стабилно партнерство засновано врз доверба, почит и заеднички европски вредности. Во тие односи културната соработка има особено значајна улога - таа отвора простор за дијалог, размена на идеи и нови креативни партнерства меѓу институциите и уметниците од двете земји - потенцира Љутков.

Тој нагласи дека ваквите иницијативи не само што ја збогатуваат културната понуда на градот туку и ги зацврстуваат темелите на партнерството меѓу двете држави.
Изложбата „Флора - фауна - покриви“, која ќе биде отворена за посетителите до 12 април, ја реализира Амбасадата на Република Австрија во соработка со Националната галерија и со поддршка од Министерството за култура и туризам. фф/паг/
Фото: Министерство за култура и туризам