• Friday, 31 January 2025

Собранието по скратена постапка ги донесе измените на Законот за инспекциски надзор

Собранието по скратена постапка ги донесе измените на Законот за инспекциски надзор

Скопје, 30 јануари 2025 (МИА) - Со 66 гласови „за“ и осум „против“, Собранието денеска го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор по скратена постапка. Согласно измените, инспекторатите ќе продолжат да работат како органи во состав на министерствата и нема да имаат сопствена буџетска сметка. Не ќе можат самостојно да спроведуваат постапки за јавни набавки и вработувања, ниту да одлучуваат за правата и обврските од работен однос на вработените.

Според измените, Државниот девизен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за финансии, Државниот инспекторат за техничка инспекција продолжува да работи како Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини; Државниот инспекторат за земјоделство и Државниот инспекторат за шумарство и ловство продолжуваат да работат во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат продолжува да работи во состав на Министерството за здравство, Државниот просветен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за образование и наука, Државниот инспекторат за труд продолжува да работи како орган во состав на Министерството за економија и труд, Државниот пазарен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за економија и труд, Државниот инспекторат за локална самоуправа продолжува да работи како орган во состав на Министерството за локална самоуправа, Државниот управен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за јавна администрација, Државниот инспекторат за транспорт, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот комунален инспекторат продолжуваат да работат како органи во состав на Министерството за транспорт и Државниот инспекторат за животна средина продолжува да работи како орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање.

-Основни цели на Предлог-законот се усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, остварување на правата и обврските на вработените во државните инспекторати, како и нивно правилно функционирање како органи во состав на министерствата. Законот чие донесување се предлага, се заснова на истите начела на кои е заснован и основниот текст на Законот за инспекциски надзор, се наведува во текстот на Законот.

Во текот на кусата расправа, опозициските пратеници ги повторија ставовите што претходно, претпладнето, ги изнесоа на седницата на Законодавно-правната и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Предупредија дека со измените се суспендира инспекцискиот надзор и се создава правна апсурдност и несигурност. Пратениците од власта, пак, им порачаа дека кажуваат небулози и дека ако сакале вистински да го подобрат текстот, требале да поднесат амандмани.

-Измените се задоцнети и беспредметни, а инспекторатите вршат надзор што може да биде оспорен зашто не постојат како правни субјекти. Им го укинавте својството на правно лице без да видите што понатаму со нив и тие веќе не постојат. Предлагате опремата, архивата и обврските од инспекторатите да се преземат од министерствата во чии рамки треба да работат, но како да се преземе некој што не посоти повеќе од 30 дена? Од дрга страна, како дел од инспекторатите се веќе преземени без дефиниран правен основ? За тоа некој треба да сноси одговорност, рече Јованка Тренчевска од СДСМ и повторно праша што е со инспекторатот за употреба на јазиците.

На тоа и реплицираше Бобан Карапејовски од ЗНАМ.

- Одговорен потег би било да поднесете амандмани. Но, откако е помината амандманската распава да кажувате што не чини е сосема неодговорно за гласачите, а тука сме да работиме за доброто на граѓаните. Не мислам дека е така како што велите, но ако е, ред ќе беше да поднесете амандмани, истакна Карапејовски.

Тренчевска му врати дека нема простор за амандмани.

-Со тоа не се решава проблемот за правниот скандал во делот на инспекцискиот надзро, потребно е многу повеќе од поднесување амандмани, напомена Тренчевска.

За збор се јави и Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија кој оцени дека со овие законски измени се прави серизно отстапување од европските стандарди и се создава правна несигурност. Измените, потенцира Мурати, ќе значат директно политичко влијание врз инспекциските служби од извршната власт.

- Законот суштински ја менува архитектурата на инспекцискиот систем што е многу проблематично, ова бара темелна анализа, широка консултација со јавноста и сериозни подготовки, рече пратеникот. 

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека опозицијата кажува небулози.

- Ништо од тоа што го кажа Тренчевска не е вистина, нема никаква врска со реалноста, ниту еден збор не е точен. Инспекторатите не го губат правниот субјективитет, туку одат под министерствата, а суштината на законските измени е да се намалат буџетските корисници од прва линија. Тоа не значи дека го губат правниот субјективитет. Сите отворени прашања од аспект на исплата на плати се решаваат и сите материјални обврски со еден член на законот. Ве молам да ги читате законите и да престанете да го лажете народот, истакна Стојановски, покажувајќи документи од ДПИ за извршени надзори 30 декември 2024 година до 5 јануари 2025-та.

Тој покажа и стратегија за реформа на јавната администрација, донесена од власта пред изборите, која предвидува инспекторатите да влезат во министерствата како што е сега дефинирано со законските измени.

Тренчевска реагираше, укажувајќи му на Стојановски дека меша стратегија со укинување на инспекторатите. мч/лв/

фото: принт скрин

 

 

 

You May Also Like