• Wednesday, 02 October 2024

Сиљановска Давкова прими претставници на Унијата на Здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри

Сиљановска Давкова прими претставници на Унијата на Здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими претставници на Унијата на Здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија, предводена од здружението ЗМСТАС „ЗА НАС“, а во пресрет на одржувањето на 3. Меѓународен конгрес на Унијата, информират од нејзиниот кабинет. 

На средбата, претседателката Сиљановска Давкова била информирана со генералните заложби на Унијата на Здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија, воспоставените соработки и учества на меѓународни конгреси и симпозиуми. Претставниците на Унијата информирале и за тековните активности во контекст на изготвувањето на предлог законот за уредување на сестринската професија, за унапредување на работата и подобрување на образовниот процес.

-Изразувајќи почит кон нивната благородна професија, претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината поддршка за континуираниот ангажман за унапредување на положбата на сестрите и акушерките во државата, што има непосредно влијание и врз севкупните здравствени услуги за граѓаните. Во таа насока беше нагласена потребата за поголема видливост на предизвиците со коишто секојдневно се соочуваат, како и од посветен и одговорен пристап за нивното надминување, се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска Давкова.

На средбата се разговарало и за подготовките околу организирањето на 3. Меѓународен конгрес на Унијата што на тема “Автономија на сестринството: сега и во иднина”, ќе се одржи во периодот од 4 до 6 октомври, во Струга, како и за 5. Конгрес на Балканската асоцијација на сестринството, чиешто одржување е предвидено за март следната година, во Скопје. сст/aa/

фото Кабинет на Претседател