• Wednesday, 13 November 2024

Сиљановска Давкова - Пелегрини: Македонскиот пат кон ЕУ е заложник на билатерализацијата на проширувањето

Сиљановска Давкова -  Пелегрини:  Македонскиот пат кон ЕУ е заложник на билатерализацијата на проширувањето

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Севкупните билатерални односи, македонските евроинтеграции, како и потребата од заеднички регионален пристап во надминување на глобалните предизвици, биле тема на разговорот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со нејзиниот словачки колега Петер Пелегрини на маргините на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку.

Како што соопшти  Кабинетот на Сиљановска Давкова, словачкиот претседател на средбата оценил дека македонската евроинтеграција е заложник на билатерализацијата на проширувањето на ЕУ, при што нагласил дека Словачка е силен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и Братислава ја критикувала блокадата на македонската евроинтеграција на многу состаноци на Советот на ЕУ.

Претседателката Сиљановска Давкова истакнла дека високо ја цениме досегашната поддршка од Словачка за македонскиот евроинтегративен пат и изразила убедување дека меѓусебната помош ќе продолжи и во натамошниот дел од процесот на нашето пристапување во Европската Унија.

Претседателката изразила задоволство од континуираниот развој на македонско-словачките односи и уверување за уште поуспешна и плодна соработка во периодот што следи. Како сојузнички во НАТО, претседателката Сиљановска Давкова изразила уверување за продолжување на добрата соработка во одбраната и во безбедноста. дма/са/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова