• Saturday, 28 February 2026

Сиљановска-Давкова: Осумдесетгодишнината на ДЛУМ говори за огромното значење на уметноста за новосоздадената македонска држава

Сиљановска-Давкова: Осумдесетгодишнината на ДЛУМ говори за огромното значење на уметноста за новосоздадената македонска држава

Скопје, 27 февруари 2026 (МИА) - Биеналниот „Зимски салон 2026“ е резултат на внимателно осмислениот концепт, што цели да обедини на едно место разни генерации сликари, со разни ракописи, насликани за разни генерации набљудувачи, сите гладни за уметност - порача синоќа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на отворањето на 21. издание на оваа ликовна манифестација во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое годинава одбележува 80 години од своето постоење.

Во обраќањето Сиљановска-Давкова го истакна огромното значење на ликовната уметност за културниот и духовниот развој на македонската држава. Според неа, „Зимски салон 2026“ е  препознатлива и вредна ликовна манифестација што дава пресек на современите ликовни состојби, но и навестува нови правци во уметноста.

Според неа, уметничкото творештво има моќ да ги надмине географските и политичките граници туркајќи ја македонската уметност во плоден дијалог со европските и светските текови: од модернистичките визии на Лазар Личеноски и Никола Мартиноски,преку силниот израз на Петар Мазев и поетиката на Димитар Кондовски до современите автори со иновативни форми и значења. 

Претседателката Сиљановска-Давкова годинава беше покровител на оваа ликовна манифестација. 

Годинешното издание на „Зимски салон“ е курирано од реномираната словенечка ликовна критичарка Лилјана Степанчиќ.  

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам како национален проект за 2026 година. ев/

ФОТО: Кабинет на претседателката Сиљановска Давкова