Симон Трпчески со концертно деби во Чиле
- Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, концертната 2025 година ја продолжува вечер со првиот од двата деби концерта во Сантијаго, Чиле. Придружуван од Филхармонискиот оркестар на Сантијаго во Градскиот театар, Трпчески ќе го изведе Првиот концерт за пијано и оркестар од Чајковски. Диригентската палка ќе биде во рацете на главниот гостин-диригент на оркестарот, чилеанско-италијанскиот маестро Паоло Бортоламеоли.
- Post By Сашо Арсовски
- 11:54, 6 March, 2025

Скопје, 6 март 2025 (МИА) - Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, концертната 2025 година ја продолжува вечер со првиот од двата деби концерта во Сантијаго, Чиле. Придружуван од Филхармонискиот оркестар на Сантијаго во Градскиот театар, Трпчески ќе го изведе Првиот концерт за пијано и оркестар од Чајковски. Диригентската палка ќе биде во рацете на главниот гостин-диригент на оркестарот, чилеанско-италијанскиот маестро Паоло Бортоламеоли.
Како што информира „КултурОп“, Трпчески до крајот на месецов го очекуваат и новите концертни средби со Симфонискиот оркестар на Чикаго во чија сала три вечери на програмата ќе биде Првиот концерт за пијано и оркестар од Рахмањинов, а под диригентската палка на Јакуб Хруша, како и трите настапи на домашната сцена на Симфонискиот оркестар на Феникс, со изведбата повторно на Првиот концерт за пијано и оркестар од Чајковски, овој пат под диригентската палка на нам добро познатиот диригент од Венецуела, Илич Ривас. Ривас со Трпчески во 2009 година настапи и во Скопје, заедно со Младинскиот оркестар на КултурОп, во рамките на „Скопско лето“.
Почетокот од април за нашиот виртуоз на пијаното ќе значи можност за враќање на престижната сцена на виенски „Музикферајн“, каде што ќе биде солист на Тонкунстлер оркестарот и под диригентската палка на Доминго Хиндојан од Венецуела ќе ја изведе австриската премиера на „Концертот Аргентино“ од Хинастера. Хиндојан во моментов е шеф-диригент на Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар.
Во продолжение на сезоната, до крајот на наредниот месец, Трпчески го очекуваат и рецитални настапи во Љубљана и Сингапур./
Фото: „КултурОп“