• Friday, 27 December 2024

Силјановска Давкова: Свети Климент е еден од најголемите столбови на македонската духовност

Силјановска Давкова: Свети Климент е еден од најголемите столбови на македонската духовност

Битола, 5 декември 2024 (МИА) - Свети Климент е еден од најголемите столбови на македонската духовност првиот словенски епископ, учител, книжевник, и основоположник на писменоста на нашиот народ. Нека неговиот дух продолжи да биде светлина што ќе го осветлува патот на Универзитетот во Битола, истакна претседателката Гордана Силјановска Давкова.

На свечена академија организирана по повод патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, претседателката Силјановска Давкова порача Универзитетот „Св. Климент Охридски“ да продолжи да биде симбол на стремежите за напредок, чувар на љубовта кон јазикот, книжевноста и образованието, воден од вечната инспирација на својот патрон.

-Нека оваа институција биде пример за тоа како традицијата и современоста можат да се спојат, како знаењето може да биде сила што ги движи нашите општества напред. Нека остане светилник што ќе ги инспирира идните генерации, водејќи ги по патот на Свети Климент – патот на знаењето, мудроста и духовното издигнување. Тој е патрон на нашиот јазик, образование и книжевност – темели на кои почива нашето културно и духовно наследство, истакна Силјановска Давкова.

Пред академскиот аудиториум во Битола, претседателката Силјановска Давкова потсети дека речта „универзитет“ е повеќе од збор – таа е симбол на знаење, темел на прогресот и аманет од генерациите кои го осветлиле патот на човечката мисла. Во овој збор одекнуваат гласовите на минатото, се кршат предизвиците на сегашноста и блескаат надежите за иднината.

-Одбележуваме 45 постоење на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, институција која со својата мисија ги проширува хоризонтите на знаењето, ги инспирира младите умови и стои како темел на образованието, науката и културата во Југозападниот регион и пошироко. Денешниот јубилеј е сведоштво за четири и пол децении исполнети со труд, визија и посветеност. Свети Климент, неслучајно Универзитетот го носи неговото име. Во секоја буква од името се втиснати вековите што сведочат за нашата истрајност и нашата посветеност на образованието како највозвишена цел. Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола е неразделен дел од мозаикот на нашите визионерски стремежи, дел што го осветлува патот кон изградба на попросперитетна Македонија, заснована врз темелите на знаењето и духовниот подем. Говорењето за неговите научни и академски достигнувања – дела што инспирираат восхит и заслужуваат почит – ме исполнува со длабока гордост и храброст. Свети Климент, чиј дух живее во секој агол од оваа институција, не би сакал само да се слави неговото дело, туку неговата мисија да продолжи. Да создаваме, да учиме, да пренесуваме, да ја негуваме писменоста, да го шириме знаењето, да ги инспирираме идните генерации да го променат светот, нагласи Силјановска Давкова.

Во реформските активности и промените во високото образование директно ќе помогне и ги афирмира и УКЛО, посочи ректорот Игор Неделковски затоа што како што рече акцент е квалитетот.

-Јавно порачувам дека државата секогаш во УКЛО ќе има најсилен поддржувач и сојузник во имплеметација на политиките за зголемување на квалитетот на високото образование и науката. Посочуваме дека за да сериозно се зајакнат, универзитетите треба да се подмладат и не само преку вработување на млад наставнички кадар туку и преку стипендирање на докторските студии. Секаде во светот докторантите со своите истражувања се ударната тупаница на универзитетите, но за жал во Македонија младите докторнати не само што не добиваат надомест туку и лично плаќаат школарина за своите докторски студии. Со финансирање на докторските студии, државата покрај што ќе обезбеди научен подмладок на универзитетите, истовремено ќе овозможи зголемена конкурентност и иновативност на стопанството бидејќи поголем дел од докторантите по завршувањето на своите докторски студии ќе треба да се вработат во стопанството или да основаат свои старт-апи базирани на научни истражувања, истакна ректорот Неделковски.

На свеченоста во Битола, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ ги награди најдобрите научни работници и студенти, и промовира нови доктори на науки. мт/сст/

Фото: МИА

You May Also Like