• Monday, 28 October 2024

Си-ен-ен: Почнаа преговорите меѓу САД, Израел и Катар за прекин на огнот во Појасот Газа

Си-ен-ен: Почнаа преговорите меѓу САД, Израел и Катар за прекин на огнот во Појасот Газа

Доха, 28 октомври 2024 (МИА) - Во Доха почнаа преговорите за ослободување на заложниците и прекин на огнот во Појасот Газа, јави Си-Ен-Ен повикувајќи се на неименуван извор.

Претходно медиумите објавија дека главните преговарачи од САД, Израел и Катар треба да ги започнат преговори во текот на оваа недела.

Ова е прва рунда разговори на високо ниво по повеќе од два месеци, а според Си-Ен-Ен, американските власти се залагаат за обновување на разговорите по убиството на еден од лидерите на Хамас, Јахја Синвар.

Египет претходно предложи дводневен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа за време на кој четворицата израелски заложници ќе бидат ослободени.

Предлогот ќе вклучува и ослободување на неколку палестински затвореници и испорака на хуманитарна помош за Појасот Газа.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш повторно повика на итен прекин на огнот, соопштувајќи дека израелските воени операции во северниот дел на Појасот Газа го прават животот на палестинското население неодржлив.сд/

фото:МИА архива