• Thursday, 18 July 2024

Свечља: Имаме информации дека Вучиќ е директно вклучен во обуката на терористичката група од Бањска

Свечља: Имаме информации дека Вучиќ е директно вклучен во обуката на терористичката група од Бањска

Приштина, 17 јули 2024 (МИА) – Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изјави дека косовските власти имаат докази дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ бил директно вклучен во обуката на терористичката група која го изврши нападот во Бањска на северот на Косово во септември минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за „Еуроњуз Албанија“ (euronews.al), Свечља рече дека Косово ги има сите потребни сценарија и подготовки за да одговори на евентуална српска агресија.

- Имавме среќа да собереме многу докази поврзани со терористичката група. Сега знаеме дека пред нападот во Бањска оваа група била обучувана на официјален воен полигон на Србија. Вучиќ неодамна го посети тој полигон, каде што редовната српска армија имаше воена обука. Ги имаме снимките, имаме примопредавање на оружје од армиските магацини за оваа терористичка група. Имаме разузнавачки информации, усни сведоштва кои покажуваат дека Вучиќ бил директно вклучен во обуката на оваа група. Ги имаме сите докази. Друго е ако сакаме да ги игнорираме или минимизираме, рече Свечља.

Министерот за внатрешни работи исто така рече дека во време на Владата на премиерот Албин Курти е работено на враќање во нормала на состојбата во северно Косово.

- Работиме на тоа 17 отсто од територијата на Косово да се врати во нормала. Сите знаеме дека 22-23 години состојбата на северот на Косово, во четирите северни општини не беше нормална. Тоа беше отворена агресија на Србија преку нејзините инструменти, која на моменти се манифестираше многу агресивно, угнетувајќи го албанскиот народ таму, како во 2000 година кога 11 илјади Албанци се иселија од Северна Митровица и беа убиени 11 луѓе, рече Свечља. иа/