• Saturday, 19 October 2024

Македонска премиера на играниот филм „Планета 7693“

Македонска премиера на играниот филм „Планета 7693“

Скопје, 19 октомври 2024 (МИА) - Македонската премиера на црногорскиот игран филм „Планета 7693“ во режија на Гојко Беркуљан, ќе биде одржана вечер во киното Киноверзум во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода. Филмот ќе биде прикажан во рамките на официјалната програма на годинашното издание на Меѓународниот филмски фестивал КинеНова.

Како што информира „Скопје филм студио“, „Планета 7693“ е семејна авантура со sci-fi елементи, која го следи деветгодишниот Лука кој живее со родителите и поголемата сестра во живописно соседство во предградието. По еден настан во неговото навидум хармонично семејство, недоразбирањата насобрани низ годините излегуваат на површина и предизвикуваат низа конфликти. Ткивото на семејството се кине. Лука бара начин како да ги поправи нарушените односи, повлекувајќи се во светот на „супер моќите“ и фантазијата каде го запознава мистериозното девојче по име „7693“.

Главните улоги ги толкуваат Илија Пејаковиќ, Андрија Кузмановиќ, Кристина Обрадовиќ, Хана Иванишевиќ и Мара Ракчевиќ. Оригиналното сценарио е на Ана Вујадиновиќ Томиќ, како кинематографер се потпишува Александар Јакониќ, а композитори се Петар Вагнер и Лука Јовановиќ. Дизајнер на звук е Милош Дрндаревиќ, сценограф  е Тамара Тричковиќ, костимограф – Лина Лековиќ, а монтажата е на Владимир Павловски. Продуцент на филмот е Марко Јаќимовиќ, а копродуценти се Томи Салковски и Ивица Видановиќ.

 „Планета 7693“ е копродукција меѓу Гигглинг Гоат Продукција од Црна Гора, СиннеРент Продукција од Србија и „Скопје филм студио“. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Црна Гора, Министерството за култура и медиуми на Црна Гора, Филмскиот центар на Србија како и од SEE Cinema Network. мд/са/

Фото: плакат