• Tuesday, 31 December 2024

„Темната страна на Римската историја“ ги обедини германските и македонските археолози во Франкфурт 

„Темната страна на Римската историја“ ги обедини германските и македонските археолози во Франкфурт 

Скопје,  29 декември 2024 (МИА) - Археолошките откритија од пред милиони години ни служат да добиеме повеќе одговори поврзани со развојот на цивилизацијата и општествата, со начинот на кој што функционирало човештвото некогаш. Франкфурт, освен што е дом на бројни големи банки и брокерски куќи е и дом на значајни културни институции. Во Франкфурт се сместени три многу значајни институции, кои имаат една заедничка појдовна точка. Сите се занимаваат со археологија и пред се, со грижата за културното наследство - Археолошкиот музеј, Германскиот археолошки институт и Конзерваторската лабораторија во Мајнц.

Во срцето на Европа, во Франкфурт, се наоѓа Археолошкиот музеј, кој има цел да ја истражува, чува и пренесува историјата на овој град, од неолитскиот период до раниот нов век. Делата кои се изложени во овој музеј ги информираат посетителите за културата на цивилизациите од праисториската, римската, средновековната и поновата археологија на самиот Франкфурт, но и на регионот.

Археолошкиот музеј е сместен во Кармелитскиот манастир, но обновен со понова современа архитектура. Всушност, самиот Кармелитски манастир бил изграден во 1246 година. Освен уникатно дизајниран внатрешен простор каде се изложуваат археолошки дела, во рамки на музејот постои и надворешен простор каде се организираат разни музички културни забави. 

Археолошкиот музеј - чувар на историјата на градот

Музејот редовно објавува експертски истражувања во полето на археологијата и најновите изложби, во своите публикации кои се достапни до јавноста и на нивната веб-страница.

Токму во овој музеј, на 17 декември беше отворена изложбата на Музејот на Град Скопје насловена „Темната страна на Римската историја“. Таа е резултат на соработката меѓу Музејот на Град Скопје и Германскиот археолошки институт, кои неодамна потпишаа Меморандум за соработка.

На отворањето на изложбата во Франкфурт присуствуваше делегацијата од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија предводена од државниот секретар Марија Ѓоргова, заедно со државниот советник за правни работи Весна Илиевска и Давча Спасова од Одделението за недвижно културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра, како и директорот на Музејот на Град Скопје, Панче Велков.

Исто така, на отворањето на изложбата присуствуваше и амбасадорот на Северна Македонија во Германија, Илбер Села.

На отворањето на изложбата присуствуваа повеќе од шеесетина посетители и истата ќе биде поставена до јуни следната година. 

Директорот на Археолошкиот музеј во Франкфурт, Волфганг Дејвид во изјава за МИА посочи оти се надева дека до јуни изложбата ќе ја видат над илјада посетители.

-Сега е период на божиќни и новогодишни празници, но сепак изложбата ќе биде отворена до јуни следната година и очекуваме дотогаш да ја видат над илјада посетители. Во текот на годината во музејот имаме околу 50 илјади посетители, оптимист сум дека сите ќе ја видат и оваа изложба. За нас е важно изложбата да биде видлива и да се запознаат посетителите за откритието на масовната гробница во Скупи, порача Дејвид.

Изложбата дава уникатна видливост на масовната гробница на обезглавените римски војници во Скупи во римскиот период и претставува поттик за понатамошното истражување на ова место. Таа беше подготвена од страна на покојната Ленче Јованова, а сега куратор е археологот Игор Кузмановски, кој е и задолжен за локалитетот на Скупи.

Скупи интересна појдовна точка за археолошки истражувања и за Германскиот археолошки институт 

Институтот се наоѓа во Франкфурт и постои 120 години. Формиран е во 1902 година, а работи на археолошки истражувања во повеќе региони, вклучувајќи ги Британските острови, Скандинавија, Централна Европа, Балканот, Црното Море..

Иако Институтот постои долг период, со текот на годините, развојот на технологијата го менува начинот на работа. Новиот технолошки развој значително влијае и во работата на археолозите.

Иако одредени археолози најпрвин биле загрижени во однос на развојот на технологијата, сметајќи дека нејзиното влијание е сосема непотребно и во ова поле, сега археолозите, вклучувајќи ги и вработените во Германскиот археолошки институт активно ја вклучуваат технологијата во нивниот процес на работа.

Ласерските скенери, 3Д фотограметрија и напредната дигитализација сега се дел од секојдневниот живот на археолозите.

Претставници од Германскиот археолошки институт во ноември беа во посета на Скопје, каде потпишаа Меморандум за соработка со Музејот на Град Скопје.

Меморандумот претставува прв чекор во воспоставување на соработката што ќе биде на државно ниво меѓу Министерството за култура и Германскиот археолошки институт.

Во рамките на нивната посета во Скопје, тие остварија средба и со претставници од Министерството за култура на Северна Македонија, а го посетија и Скупи, каде што се вршат значајни археолошки истражувања.

Во декември, делегацијата од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија, како и директорот на Музејот на Град Скопје, Панче Велков остварија посета на овој Германски археолошки институт во Франкфурт, каде што одржаа состанок и разговараа за евентуална можна соработка, особено во делот на истражувањата во Скупи.

Директорката на Германскиот археолошки институт, Керстин Хофман, во изјава за МИА објасни дека Институтот се занимава со археолошки наоѓалишта во повеќе области, вклучувајќи го и Балканот.

-Германскиот археолошки институт е формиран во 1902 година. Станува збор за стара институција која постои повеќе од 120 години. Работи во интерокултуролошки контекст, се занимава со откритија од романски период, неолитскиот, но и од средновековен период, рече Хофман.

Таа посочи дека се надева на соработка со Северна Македонија во иднина, особено кога станува збор за проучување на Скупи, еден од најважните романски градови на Балканот, а кој денес е значаен дел од културното наследство на нашата земја.

-Ние се надеваме на идна соработка со Северна Македонија. Тука сме да разговараме со одговорните од Северна Македонија, да размениме мислења и идеи поврзани со можно заедничко истражување кое би претстоело во иднина. Мораме да ги разгледаме овие можности. Романскиот период, поточно делот кај Скупи би била наша почетна точка, додаде таа.

Во однос на изложбата насловена „Темната страна на Римската историја“ која е отворена во Археолошкиот музеј во Франкфурт, Хофман рече дека изложбата прикажува импресивни откритија и точно како што кажува насловот, ја прикажува токму темната страна на Римската историја, која што поретко се прикажува во јавноста.

Таа напомена дека се надева и во иднина ќе бидеме сведоци на уште поимпресивни откритии од Скупи.

-Задоволство ми е што изложбата  „Темната страна на Римската историја“ е отворена во Франкфурт, затоа што се создадоа можности да размениме мислења и идеи со луѓето од Северна Македонија во врска со овие импресивни откритија, рече Хофман.

Со најсовремена технологија се создаваат копии од значајни археолошки наоди во Конзерваторската лабораторија во Мајнц 

Главниот фокус на Конзерваторската лабораторија во Мајнц е да се сочуваат сите археолошки наоди, преку создавање на копии. Како што објаснија вработените во оваа институција, 50 проценти од нивната колекција на наодите се копии. Технологијата со која се изработуваат копии со текот на годините постојано се менувала, но денес најголем дел од копиите се изработуваат од силикони.

Копии на златните и сребрени откритија се создаваат со помош на поинаква технологија, а за објектите кои се со чувствителни површини во лабораторијата имаат посебни 3Д скенери. 

Вработените од лабораторијата велат дека мерките за заштита на артефактите се предуслов за нивното зачувување. Тие велат дека во праисторијата дрвото било еден од најчесто користените материјали.

Крајните продукти од оваа лабораторија се достапни и во музеите во Германија.

Она што е посебно значајно за оваа институција е што организираат обуки за студентите од нивната држава, а исто така планираат да го продолжат процесот и да се формираат обуки и за студентите од другите држави.

Претставниците од Министерството за култура и туризам заедно со директорот на Градот Скопје ја посетија и оваа лабораторија, а во рамки на посетата исто така се разговараше за евентуална идна соработка со оваа институција.

Бисера Трајковска

Фото: МИА

You May Also Like