Работната група за изборното законодавство не почна со работа, албанските партии барале двојазични материјали
- Конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство не се одржа поради барањето на дел од албанските партии да бидат преведени материјалите. Министерот за правда Игор Филков изјави дека воопшто не била почната материјалната расправа и се надева дека следната недела ќе се одржи седницата доколку сите страни се усогласат за термин
Скопје, 27 февруари 2026 (МИА) - Конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство не се одржа поради барањето на дел од албанските партии да бидат преведени материјалите.
Министерот за правда Игор Филков изјави дека воопшто не била почната материјалната расправа и се надева дека следната недела ќе се одржи седницата доколку сите страни се усогласат за термин.
- Работата на работната група е одложена за следната недела. Не влеговме во материјална расправа затоа што прво треба да се изгласа дневниот ред. Ние не дојдовме до тоа, изјави Филков.
Материјалите, како што посочи, што ги имаат изготвено се на располагање на работната група, но она што како Министерство сакаат да го слушнат се предлозите што во меѓувреме стигнаа.
-Поради изборниот процес беше прекината работата и затоа сега сакаме да отпочнеме со една нова динамика и да ги чуеме предлозите на пратеничките групи и за првпат и предлозите на независните групи кои се дел од Собранието, изјави Филков.
Има подготвеност во Изборниот законик да се вметнат и предлози од политичките партии, а доколку предлозите се повеќе од 30 проценти, ќе се оди на комплетно нов Изборен законик.
Според Филков, во овој момент не може да се зборува за рокови кога би завршила целата работа околу реформите во изборното законодавство.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека имаат одредени предлози коишто се во насока на тоа изборниот процес да биде потранспарентен притоа придржувајќи се до препораките од ОБСЕ и ОДИХР.
- Имаме одредени предлози со кои ќе направиме изборниот процес да биде потранспарентен. Секако она кон кое начелно се придржуваме е препораката од ОБСЕ и ОДИХР врз основа на кое можеме да процениме како да го модифицираме избориот процес. Треба да ги слушнеме сите предлози на маса и да видиме како може да се усогласат, рече Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.
Денешното одложување, рече Василевска, нека биде поттик да размислиме за вредноситте и принципите на демократијата, а насоката и целта на оваа Влада од самиот почеток е да дојдеме до решенија кои ќе овоможат транспарентен изборен процес и подобри услови за македонските граѓани за да можат да го остварат своето демократско право.
Од Движењето ЗНАМ остануваат на барањето за една изборна единица и праг од два до три проценти. Оттаму остауваат и на заложбите за намалување на бројот на пратеници во македонското Собрание од сегашните 120 на 90.
- Жалам што денеска не успеавме да влеземе во материјална расправа околу содржината на изборното заонодавство. Движењето ЗНАМ стои на ставот дека ќе се залага за една изборна единица со праг од два до три проценти што ќе отвори простор во изборниот процес и за помалите политички субјекти и независни листи што беше и барање во одлуката на Уставниот суд. Движењето ЗНАМ цврсто ќе остане и на ставовите да направиме сериозни промени во изборното законодавство односно да добиеме Парламент со големина од 90 пратеници. Намалувањето на бројот на пратеници е во духот на генералните заложби на оваа Влада, изјави Весна Бендевска од ЗНАМ.
Во однос на гласањето на дијаспората, Бендевска рече дека го реафирмира ставот на Движењето ЗНАМ дека остануваат на барањето за намалување на бројот на пратеници во Собранието.
Од опозициската СДСМ изразија подготвеност за учество во работната група и преку консензус да се најдат најдобрите решенија коишто ќе бидат вградени во Изборниот законик.
- Првата средба ја имавме во ноември и очекував дека ќе имаме предлог измени на Изборниот законик иако реформската анегда предвидува нов Изборен законик. За жал, дневниот ред денеска беше сосема формален. Очекувам дека ќе имаме предлог за да го направиме изборниот процес со поголема демократија, поголема транспаретност, поголема одговорност во делот на финансирањето на изборните кампањи и да гарантираме дека граѓаните ќе може слободно да ја изразат својата волја. Имаме многу ставови по однос на Изборниот законик и работната група е во функција да се договараме. Доколку водиме расправа за одредени предлози кои не се дел од Изборниот законик, тогаш мислам дека многу тешко ќе се дојде до консензус, рече Оливер Спасовски од СДСМ.
И од Либерално-демократската партија изразија подготвеност да учествуваат во овој процес. Претседателката на ЛДП Моника Зајкова изрази надеж дека на следната седница ќе има материјална расправа.
- Ставот на ЛДП е јасен - една изборна единица со отворени исти. Се надевам дека конечно ќе дојдеме до решение на Изборниот законик кое ќе овозможи директна демократија односно можност граѓаните сами да ги избираат своите претставници. Очекувам дека работната група ќе работи поекспедитивно, попродуктивно и дека нема да дозволи поради одредени формалности да се одложуваат состаноците, изјави Зајкова.
Од Левица сметаат дека непотребно се губи време на формалности наместо да почне работата околу Изборниот законик.
-Нашиот став е дека не е потребна бирократизација на процесот односно избор на претседател, деловник за работа... ако знаеме дека Изборниот законик се носи со консензус значи дека партиите треба да одлучат. Вака само губиме време. На лидерската средба беше кажано дека треба да се донесе во јуни, а ние во март не можеме да почнеме. Ако во март нема сериозно поместување веќе ќе почнуваме да се сомневаме во добрата волја на власта, изјави Борислав Крмов од Левица.
Претставниците на албанските партии не дадоа изјави пред медуимите. бак/дма/
Фото: МИА