• Monday, 06 January 2025

Пуштен во употреба експесниот пат Крива Паланка - Страцин, се крати времето на патување во североисточниот дел од земјава

Пуштен во употреба експесниот пат Крива Паланка - Страцин, се крати времето на патување во североисточниот дел од земјава

Куманово, 4 јануари 2025 (МИА) - Граѓаните од денеска го користат експресниот пат Крива Паланка-Длабочица-Страцин. Патот, кој што е во должина од 25,5 километри, денеска, свечено го пуштија во употреба претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик шефот на делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, министерот за транспорт и врски, Александар Николовски и директорот на ЈПДП, Коце Трајановски. 

Делницата А2, е во вредност од 107 милиони евра средства обезбедни од Светска Банка и грант средства. Патот има две сообраќајни ленти за возење од по три и пол метри и две ленти за застанување од 2,5 метри, изградени се три клучки, 13 вијадукти и девет надвозници, како и 44 косини. Со изградбата на патот значително се скратува времето на патување кон Бугарија.

Премиерот Мицкоски во обраќањето рече дека патот не е ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, туку на граѓаните.

-Иако, морам да кажам дека денеска имаше и такви коишто се обидоа да направат политичка промоција, дека тие кога биле Влада го почнале овој патен правец, за жал им требале шест години и поради блокадите од ВМРО-ДПМНЕ не успеале да го направат иако не знам што ги блокираше ВМРО-ДПМНЕ да стават барем еден сантиметар квадратен асфалт и наместо да им се извинат на граѓаните што не успеаја во изминативе шест години тоа да го направат, тие денеска потрчаа да соберат политички поени. Сакам да им кажам на граѓаните коишто ќе го користат овој пат, ова не е пат ниту на СДСМ ниту на ВМРО-ДПМНЕ ниту на која било друга политичка опција. Ова е пат на граѓаните и ова е пат којшто ќе остане за граѓаните и тие се тие коишто ќе го користат. Кредитот којшто е добиен од страна на финансиските институции ќе биде враќан од парите на граѓаните, затоа нема никој право да го присвојува, никој нема право да кажува дека ова е негов пат, ова е ваш пат, на граѓаните и да си го користите и аирлија нека е, кажа премиерот.

Во говорот пред присутните, тој нагласи дека ќе следува пуштање во употреба на други делници, наскоро делница од коридорот 10д, како и од коридорите 8 и 10 -од Гостивар до Букојчани, Кичево до Охрид, од Прилеп до Битола и други.

Претседателот на Владата истакна дека ќе се гради насекаде во државата, во сите делови од север кон југ и од исток кон запад, додавајќи дека „нема простор за импровизација и мора да се надополни се што е испуштено изминативе седум години, за да се оправда довербата којашто граѓаните ја дадоа на претходните парламентарни и претседателски избори“.

-Првата фаза од стабилизирање на слободниот пад заврши. Можам да кажам дека состојбата во институциите полека, но сигурно се стабилизира. Сега наша следна цел е побргу да дојдеме до состојба на точка нула. Ние уште не сме дојдени на состојба на точка нула што очекувам да се случи некаде март, април па дури потоа да се види вистинскиот развој на нашата татковина, тоа е периодот којшто е пред нас и тоа ќе биде период на многу радости, на многу успешни проекти и на нови политики со коишто ќе нè направат пак земја лидер на Балканот и една од најбрзо растечките економии во Европа. Тоа е наша цел и тоа го покажуваат првите индикатори, рече претседателот на Владата.

Како што кажа тој во обраќањето, податоците од Народна банка покажуваат дека се надминува бројката од милијарда евра директни странски инвестиции, поовторно се враќа економијата, три проценти раст во третиот квартал и можност за четири проценти во четвртиот квартал. Тој потсети и на евтините кредити за економските оператори коишто почнуваат од јануари месец со 1.95% повластена камата до 3 години грејс период и до 15 години рок на отплата.

Министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски оцени дека патниот правец е витална артерија за поврзување со Бугарија и посака да се развиваат нови индустриски капацитети и да заживее источниот дел од државата.

- Ние имаме уникатна локација, низ Македонија се сечат два паневропски коридори, коридор 8 и 10 и треба да ги искористиме, мора државата да стане крстосница, енергетска и транспортна крстосница и на тој начин да растеме и сите да ја градиме економијата и просперитетот за луѓето да ни остануваат тука, рече Николовски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски на официјалното пуштање во употреба, рече дека реализацијата на овој проект е резултат на тимска и координирана работа, а не резултат на само еден субјект.

-Во јули 2024 година кога бев избран за директор на ЈПДП, на првата делница немаше ставено ниту еден сантиметар асфалт, а денес се фалат дека останале само завршните работи. Работите беа крајно забавени. Кога дојдов за директор на ЈПДП, за мене беше предизвик и затоа одлучив целосно да се посветам на овој проект и поставив цел да се заврши до крајот на 2024 година, задоцнивме само три дена, рече Трајановски.

Кога го наследил проектот, како што истакна, работите вели дека биле крајно забавени, имало слаба организација, слаба координација што довело до слаби резултати, но успеале да се организираат, првпат во земјава на овој пат асфалтирале во зимски услови со специјални методи и шест месеци успеале да го завршат.

Тој посочи дека се планира и проектирање на нов експресен пат од Куманово до Страцин и изградба на клучка кај Гиновци.

Заменикот шеф на делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, рече дека експресниот пат е дел од Паневропскиот коридор 8 кој го поврзува Јадранското Море со Црното Море, истакнувајќи дека Коридорот 8 е стратешки мост меѓу истокот и западот кој ги поврзува Албанија, Северна Македонија и Бугарија. Коридорот, посочи претсавникот на ЕУ ја претставува регионалната соработка и заедничката посветеност на интеграцијата на ЕУ, ја зголемува можноста за нови инвестиции, овозможува подобра трговија и подобар пристап до европските и светските пазари, ја подобрува конкурентноста на земјава во светот, придонесува за развој.

Инфраструктурата пак, додаде тој, и овозможува на земјава да стане клучен транзитен центар во Југоисточна европа привлекувајќи странски инвестиции, поттикнувајќи го туризмот и олеснувајќи ја регионалната трговија.

- ЕУ е горда што стои покрај Северна Македонија како сигурен партнер кон регионалната интеграција и развој. Со грант од 13,9 милиони евра од ЕУ овој проект е дел од економскиот инвестицискиот план за Западен Балкан. Овој пат не е само симбол на поврзување тоа е симбол на нашата посветеност да изградиме посилна и по обединета Европа, рече Нупнау.

Владата вчера соопшти дека вкупната инвестициска вредност за изградба на експресниот пат е 93,7 милиони евра од нив 80,2 милиони евра се финансира со средства од Светска Банка и грант средства од 13,5 милиони евра. ам/вг/


Фото: Влада