• Thursday, 13 March 2025

Путин во посета на Курск, првпат од украинската офанзива во регионот

Путин во посета на Курск, првпат од украинската офанзива во регионот

Москва, 12 март 2025 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин денеска ја посети Курската област за првпат откако украинските сили извршија изненаден напад врз регионот во август минатата година, јавиТАСС, повикувајќи се на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Посетата доаѓа во период кога руските сили бележат успеси во Курската област, според руските воени извори.

Путин одржа состанок во еден од командните пунктови на руската војска во регионот и го слушна извештајот на началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов.

Според Герасимов, руските сили ослободиле повеќе од 1.100 квадратни километри територија во Курската област, што претставува 86 отсто од површината која била окупирана од Украина.

– Украинските вооружени сили изгубија повеќе од 67.000 војници, меѓу кои и нивните најдобро обучени и мотивирани борци, тврди Герасимов.

Овие податоци не можат да бидат независно потврдени.

Главниот командант на украинската армија, Олександр Сирски, реагираше преку Фејсбук, истакнувајќи дека украинските сили ќе продолжат да се борат во Курската област сè додека тоа е неопходно.

Според него, борбите продолжуваат во и околу градот Суџа, при што украинските сили се повлекуваат „на поповолни позиции, доколку е потребно“.

– Животот на војниците ни е приоритет, истакна Сирски.

Украинската агенција Укринформ, повикувајќи се на свои воени извори, тврди дека Русија загубила околу 55.000 војници во Курската област од почетокот на украинската офанзива на 6 август, од кои над 22.000 биле убиени.

Овие податоци не можат да бидат потврдени од независни извори.ссм/

фото: архива