• Saturday, 04 January 2025

Мицкоски за МИА: Кадровскиот потенцијал кој треба да го освежи Судскиот совет треба да биде со импозантна цел пред себе, но и институционална меморија зад себе

Мицкоски за МИА: Кадровскиот потенцијал кој треба да го освежи Судскиот совет треба да биде со импозантна цел пред себе, но и институционална меморија зад себе

Скопје, 1 јануари 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски во новогодишното интервју за МИА вели дека овој состав на Судскиот совет можеби има легалитет, но нема легитимитет кај граѓаните. Нагласува дека кадровскиот потенцијал којшто треба да го освежи ова тело навистина треба да биде со импозантна цел и агенда пред себе, но и институционална меморија позади себе, односно да има биографија и тежина, бидејќи, како што посочи, „ако ние едните ги замениме со други, а останат навиките исти и начинот на однесување не сме направиле ништо“. 

Тој ова го одговори на прашањето за тоа дали останува на ставот за целосно распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители, за новиот закон за Судскиот совет, но и најавената смена на петмината негови членови кои се избираат преку Собранието. 

- Едно е јасно дека овој Судски совет ваков каков што е нема легитимитет кај граѓаните. Тој можеби има легалитет, но нема легитимитет бидејќи кредибилитетот им е уништен, довербата е едноцифрен број проценти, довербата е на историско најниско ниво и она кое што е важно е дека ако нема свесност помеѓу нив самите да заминат, тогаш мора ние да преземаме некакви чекори за да може тие да заминат. Но, тоа не значи дека сега едни луѓе коишто ја довеле ситуацијата и состојбата ваква каква што е да ги замениме со други коишто тоа ќе го продолжат. Кадровскиот потенцијал којшто треба да го освежи ова тело или оваа институција навистина треба да биде со импозантна цел и агенда пред себе, но и институционална меморија позади себе, односно да има биографија, тежина тој којшто ќе биде таму, затоа што ако ние едните ги замениме со други, а останат навиките исти и начинот на однесување не сме направиле ништо. Истото и за нас ќе се случи еден ден, ќе заминеме и ние, ќе дојдат некои други итн. Затоа што, кога ќе дојдат тие смени, а кога ќе дојдат како резултат на смената во Парламентот во кое што мнозинство е оваа Влада и ако нема некакви позитивни промени тогаш ние ќе бидеме виновни и сите ќе речат – еве, исти се, а тоа не е наша цел. Ние не сакаме тоа да го правиме, нагласи Мицкоски.

За тоа дека секоја опозиција ја обвинува власта дека го партизира судството и тие додека беа во опозиција, и сегашната опозиција со обвинувања за такви обиди, но и дали целосен ветинг на правосудството по примерот на Албанија е решението, Мицкоски вели дека имаме одлични закони и оти е потребно обвинителите и судиите да се ослободат од стегите на моќниците.

- Не би рекол дека ветингот е опција. Не би рекол. Ние имаме одлични закони. Ние треба само да ги ослободиме обвинителите и судовите од партиските стеги. Ова вие што велите да не бидат во грч и да мора на партиски моќници или некој друг тип на моќници да им служат. Ние треба само да ги ослободиме и на тој начин тие ќе почнат да се однесуваат онака како што би требало да се однесуваат, односно да обвинуваат и судат по закон и Устав, нагласи Мицкоски.

Во интервјуто премиерот говори за првите месеци од работата на Владата, за сработеното, плановите за национално обединување за стратешките прашања, за работата на владината коалиција, односите со ДУИ, комуникациата со Ахмети. Се осврнува и на бегството на Груби, последните полициско-обвинителски акции, на реформите во правосудството, евроинтеграциите, но и на плановите за зголемување на животниот стандард, најавените инвестиции за 2025...

Целосното интервју со премиерот Христијан Мицкоски МИА ќе го објави утре. ац/лв/

Фото: МИА